Стерлинг го напушти Катар откако му бил ограбен домот

Напаѓачот на англиската фудбалска репрезентација Рахим Стерлин го напушти Светското првенство во Катар, по вооружената провала во неговиот дом.

Стерлин не беше земен предвид за составот за осминафиналниот натпревар во неделата против Сенегал, што за многумина претставуваше изненадување. Англиската фудбалска асоцијација (FA) објави дека причина за тоа е „семејна ситуација“, но британските медиуми пишуваат дека итното враќање во Англија било поради вооружен грабеж во неговиот дом.

Медиумите наведуваат дека вооружените крадци провалиле во куќата на Стерлинг во Лондон, во моментите кога во неа било семејството на фудбалерот. Со себе однеле накит и разни други вредни предмети.

Англискиот селектор Гарет Саутгејт изјави дека „мораме да сочекаме и да видиме“ дали Стерлинг ќе се врати во Доха, како и дека неговиот единствен фокус е на напаѓачот на Челзи да му се пружи време и поддршка којашто му е потребна.

„Мораме да му дадеме време да се обиде тоа да го реши и да биде со своето семејство. Тоа во овој момент е најважно, па ќе му го дадеме тој простор. Секако дека не е идеално за репрезентацијата, но поединецот е поважен од групата во ваквите моменти“, изјави Саутгејт.

Капитенот Хари Кејн испрати порака со поддршка до Стерлинг на прес-конференцијата по натпреварот против Сенегал кој Англија го доби со 2:0.

„Нашите мисли се со него и неговото семејство. Не е лесно да се види како вашите соиграчи и пријатели мора да се справат со нешто такво“, рече напаѓачот на Тотенхем.

Стерлинг во досегашниот тек од мундијалот одигра два натпревара на коишто впиша еден погодок и уште една асистенција за погодок. „Гордиот Албион“ без Стерлин го мина Сенегал а во четвртфиналето на 10-ти декември ќе игра против бранителот на титулата Франција.