Стевановски: Создаваме нова иднина – Новаци ќе добие скејт парк за млади и гас до секоја куќа

Добар ден и добредојдовте на настанот кој ќе го означи крајот на апатијата, разочараноста и хаосот кој владее, ќе го означи почетокот на промените во општина Новаци, на убави работи кои ќе следат, на инфраструктурната преродба, на локалниот економски развој, за подобра иднина на напатениот пелагониски земјоделец, на зракот светлина за младите да останат во своите родни огништа каде ќе основаат семејства, истакна Стевче Стевановски, кандидат за градоначалник на општина Новаци на денешниот митинг.

Стевановски ги потсети граѓаните дека градоначалникот од редовите на СДСМ ветуваше аква паркови, базени, топлификација, гасификација, системи за наводнување, но ништо не оствари.

– Како кандидат за градоначалник на општина Новаци од ВМРО-ДПМНЕ, ќе си поставам за цел да бидам сосема спротивен од она што беше Кузманоски. Нема да бидам човек кој само ветува, кажува празни зборови и лаги, туку човек рамноправен на сите кој реализира и исполнува. На народот сакам да му претставам еден поинаков начин на работа, сметам дека луѓето се уморни од политиката, од празни зборови и ветувања и сакаат во кандидатот да препознаат човек кој тоа ќе го промени, ќе ги извади од летаргијата во која се западнати и ќе ги поведе кон заедничко решавање на проблемите, рече Стевановски.

Стевановски додаде дека во неговата програма има предложено голем број на проекти од сите сфери на општествено економскиот, социјалниот и културниот живот. Најголем акцент става на развојот на земјоделството како примарна гранка во Пелагонија.

– Ќе спомнам некои од клучните проекти за тоа како ја гледам нашата општина во следниот четиригодишен период:

Секундарна гасификациска мрежа, околу примарниот гасовод кој поминува низ општина Новаци. Ќе продолжиме со проектот гасификација на општина Новаци, односно изработка на целокупната проектна документација за секундарна и терцијална мрежа и приклучување на примарниот гасовод кој поминува низ општина Новаци. Изградба на системот за наводнување од акомулацијата „Суводол“ кој опфаќа близу 400 хектари. Во атарите на селата Новаци и Добромири. Проектот претставува грант од ИПА на ЕУ. Изградба на бушотини и артерски бунари за обезбедување вода за наводнување на земјоделски површини со обезбедување електрична енергија до истите. Секаде каде што не постојат услови да се изгради хидро систем за наводнување, ќе пристапиме кон изградба на бушотини до кои ќе биде обезбедена електрична енергија“, вети Стевановски.

Стевановски посочи дека еден од поголемите проблеми во општина Новаци е управувањето со отпадните води. За таа цел приоритет ќе биде изградба на канализациони мрежи во поголемите населени места.

– Општина Новаци ќе добие и изградба на скејт парк и патека за адреналински спортови и фитнес справи во склоп на спортската сала и повеќенаменското игралиште во Новаци. Во склоп на спортската сала ќе направиме целосно партерно уредување на просторот. Со тоа ќе извршиме комплетно уредување на овој простор наменет за спорт и рекреација, укажа Стевановски.

Стевановски нагласи дека дојде времето кога поделбите мора да запрат. Народот да се обедини.

– Заедно да го вратиме сјајот и да ја направиме општината да биде урбана локална заедница, европска и препознатлива општина во регионот, посакувано место за живеење, општина која нуди просперитет за младите, порача Стевановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.