Стевче Јакимовски – урбан атентатор

Неколку години по бетонизацијата на Тафталиџе, за која Обвинителството води предистражна постапка, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, со старите партнери тргнува во нов поход. Фирмата „Аполо инженеринг“, која профитираше од бетонизацијата на Тафталиџе, сега подготвува терен да гради висококатници на местото на поранешното кино „Влае“, објави ИРЛ.

„Јас го гледам Карпош 30 години напред. Карпошани повторно сакаат весел и цветен Карпош, нешто што беше оваа општина во минатото. Јас победив како Новак Ѓоковиќ. Сакам да кажам дека не газам на трула даска. Го чувствував пулсот на граѓаните на Карпош и ќе работам за доброто на сите.“

Со овие зборови новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, од изборниот штаб на неговата партија Граѓанска обнова на Македонија, им се обрти на карпошани по победата на локалните избори минатата година.

Четири месеци по прославата Јакимовски почна да го реализира планот за бетонизација на населбата Влае.

Во Влае се подготвува втора сезона од „Бетонизацијата на Тафталиџе“

Стевчо Јакимовски е на почеток на четвртиот мандат како градоначалник на Карпош. На изборите во 2017 година не успеа да ја добие довербата на карпошани. Пресуден за поразот беше масивниот проект за бетонизација на населбата Тафталиџе, кога неповратно се уништи мирната урбана населба. Граѓаните беа немоќни да го спречат спроведувањето на планот за изградба на десетици станбени згради со илјадници станови. Во Тафталиџе веќе не остана празно место каде што може да се гради. Јакимовски во новиот мандат му „фрли око“ на Влае.

Една од првите локации каде што се планирани станбени згради и деловен објект е токму локацијата во која ја славеше победата – „Кино Влае“. На местото на дрвеното кафуле ќе се изгради скалест комплекс, односно една зграда од десет и една зграда од осум ката, кои ќе бидат споени со трговски центар. Земјиштето и објектот се во сопственост на старите деловни партнери на Јакимовски кои учествуваа во бетонизацијата на Тафталиџе.

Сопственик на земјиштето е фирмата „Аполо инженеринг“ на Јонче Спирковски, а кафулето на фирмата „Вентота“ во сопствеништво на неговиот син Дарко Спирковски. ИРЛ побара увид и историјат во Агенцијата за катастар со цел да го утврдиме начинот на приватизација на земјиштето што Јакимовски го вметна во планот за Влае. Документите покажаа дека отуѓувањето одело по истиот модел според кој се обработуваше ДУП за Тафталиџе.

Пред фамилијата Спирковски да го купи земјиштето, сопственици биле повеќе наследници кои во 2007 година го вратиле со денационализација. Локацијата е поделена на неколку парцели, па отуѓувањето одело парцијално, дел по дел. Во сопствеништвото влегле две фирми – „Аполо инженеринг“ на Спирковски и фирмата „Импексел 2“, која, исто така, изгради станбени згради во Тафталиџе за време на владеењето на Јакимовски.

Кога процесот на отуѓување од старите наследници завршува, од сопствеништвото излегува „Импексел 2“ и останува само „Аполо инженеринг“. Новиот сопственик, бидејќи поседува 30 проценти од земјиштето, ја искористува законската можност и во 2020 година го откупува околното државно земјиште. Доколку овој план се усвои, планерската куќа и Општината планираат да му дадат можност на инвеститорот да си докупи државно земјиште кое моментално е дел од улицата „Есперанто“ и од околното зеленило.

Парцелата предвидена во ДУП за градба на станбен комплекс е подготвена. Останува уште една пречка пред да влезат багерите. Планот за Влае да помине во Советот на Општина Карпош.

 Црква на местото на детското игралиште

Во претходниот мандат Стевчо Јакимовски не успеа да го реализира планот Влае 2, кој го опфаќа делот од кејот на Вардар до Порта Влае. Првиот обид беше во 2016 година, кога фокусот беше насочени кон Тафталиџе, па жителите на Влае успеаја да го обжалат деталниот урбанистички план пред Уставниот суд кој го укина во 2018 година бидејќи при неговото носење не биле почитувани законските процедури.

Кулите кај „Кино Влае“ и други станбени објекти беа предвидени и во планот од 2016 година, а жителите на Влае по победата пред Уставниот суд можеа да здивнат надевајќи се дека некој иден градоначалник ќе донесе нов план и ќе го поддржи урбаното живеење со повеќе зеленило.

Стефан Богоев, кој беше градоначалник на Карпош од 2017 до 2021 година, не го реализира овој план во неговиот мандат. Кога Јакимовски се врати на власт, со прослава во „Кино Влае“, на мештаните им беше јасно дека одново ги чека борба за нивната населба.

Освен висококатниците кај „Кино Влае“, во ДУП се предвидени уште десетина маркици за згради, затворени спортски објекти на местата каде што има отворени игралишта покрај кејот на Вардар, монтажни паркиралишта и црква на местото на инклузивното детско игралиште кое се наоѓа на плоштадот „Делфина“.

Планот го изработи планерската куќа „Билд урбан“, а на поплаките на жителите дека ќе се уништи мирната скопска населба, главната архитекта ги „подучила“ дека планот бил носен врз основа на регулациски план донесен од Град Скопје и дека живеат во град и затоа мора да се гради.

„Сите живеете во град.Ако нејќете да има улици и други содржини, не живејте во град. Сите може да пополните анкетни листови до 25 март и вашите забелешки ќе бидат земени предвид“, нељубезно им порача планерката на „Билд урбан“.

Жителите на Влае оттогаш ја започнаа борбата против донесувањето на деталниот урбанистички план. Се здружија во неформална иницијатива „Борба за Влае“ и бараат помош од сите добронамерници, градежни експерти и активисти да им се придружат за да ги спречат урбаните атентатори на Влае.

Градоначалникот Јакимовски вели дека има триесетина реални забелешки што граѓаните ги дале за своите парцели, но најголемиот дел од жалбите биле испратени од околните населби Карпош 4 и Хром, кои воопшто не биле во опфатот на овој план.

„Само Путин работи со декрет, јас не можам да работам со декрет и не можам да им угодам на сите. Секојдневно ми се јавуваат граѓани кои сакаат да се донесе планот. Еве, мојот син живее таму и не може да си направи надградба на куќата затоа што нема детален урбанистички план. Граѓаните не можат да продадат земјиште. Јас за овој план не сум имал никаков притисок од бизнисмени. Во овој план секогаш имало градби од овој тип на оваа локација, јас не сум измислил ништо ново. Не можам да кажам таму ќе нема згради, ќе нацртаме трева, ако Градот предвидел некаква намена“, вели Јакимовски за ИРЛ.

Јакимовски не сака да го одложи донесувањето на деталниот урбанистички план и да го почека новиот генерален урбанистички план за Скопје ниту, пак, ги зеде предвид податоците од пописот во 2021 година кои укажуваат дека во Општина Карпош во изминатите две децении се изградени најмногу станови.

Истраги и кривични пријави без епилог

Против градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, во тек е судски процес за злоупотреба на службената положба во претходниот мандат.

Осумтемина што беа опфатени во истрагата побараа спогодба со Обвинителството и признаа дека во Општина Карпош од 2011 до 2017 година имало злоупотреби на јавни набавки и бесправно градење. Јакимовски не признава вина.

 

Прочитајте повеќе на ИРЛ.мк