Стево Пендаровски е заеднички претседателски кандидат на власта

Владејачката СДСМ, коалициските партнери и други партии што даваат поддршка за заеднички претседателски кандидат на средбата вечерва во скопскиот хотел „Хилтон“, како што изјави премиерот и лидер на партијата Зоран Заев, застанаа зад Стево Пендаровски како заеднички консензуален кандидат.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и другите коалициски партнери, ја објави заедничката кандидатура на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

„Се обединивме повторно сите Македонци, Албнаци, Срби, Турци, Власи, Роми Бошњаци и сите други. За првпат во македонската историја различните застануваат зад Стево Пендаровски“, рече Заевт.

„Пендаровски одамна одлучи да оди напред и да влече. Да биде локомотива. Голема благодарност за другите кандидати, министри од Владата кои покажаа големина и го поддржаа надпартискиот кандидат. Да живее нашето заедништво. Да живее нашето заедничко општество. Ова е историска одлука. Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани на Северна Македонија“, потенцираше Заев.

Премиерот истакна дека 31 политичка партија го поддржале Пендаровски. Заев им се заблагодари, како што рече, на доблеста на останатите кандидати, Радмила Шеќеринска, Никиола Димитров, Оливер Спасовски и другите кои одлучија да дадат предност на надпартиски кандидат, а тие сите заедно да продолжат ада работат за Македонија внатре во владата

Ахмети рече дека анкетите покажале дека Пендаровски ја има довербата и кај Албанците и дека е добро тој да биде заеднички кандидат.

Премиерот, по завршување на координацијата во партиското седиште одржана попладнево рече дека Пендаровски е надпартиски кандидат, кој ќе биде предложен на коалициските партнери и очекува тој да биде поддржан. На координацијата СДСМ ги разгледа фаворитите за претседателски кандидат, меѓу кои беа и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Ѓорѓи Филипов, Имер Селман. Кандидатот СДСМ ќе го промовира на конгрес в недела.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети во средата постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат, кој се очекува да биде поддржан и од Алтернатива и ДПА, како и други партии.

Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21-ви април, а вториот ќе се одржи на 5-ти мај