Стигаат предлози до Заев за „чистката“, тој вели „метлата“ ќе игра после избори

Случаите на наместени тендери, непотизам, речиси никаква борба против криминалот и корупцијата резултираат со лоши резултати за кандидатот на владејачката коалиција за претседател, Стево Пендаровски во првиот круг од гласањето.

Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев во обид да го спаси она што може да се спаси вели пораката од граѓаните ја примиле и најавува спроведување на операција „Метла“ за смена на функционери кои потфрлиле во работата и не го испорачале очекуваното. Но, вели „метлата“ ќе игра после избори, законите не дозволуваат смени во раководните структури додека трае изборниот процес.

„Чесно е да им соопштам на граѓаните дека пораката е допрена до мене. Тоа што е делокруг на надлежностите од премиерот и затоа ќе има промени, тие ќе се случат и секако ќе бидат здрави и ќе ја испратат пораката на следните кои ќе дојдат да не се однесуваат така, да не предизвикуваат незадоволство кај граѓаните. Но, истовремено секако очекувам тие граѓани што имале намера да ја испрат пораката, истовремено ќе си ја прифатат и нивната граѓанска одговорност дека сепак на државата треба да и дадат шанса и да излезат и да гласаат на овие избори, да успеат изборите. Неуспешноста значи нови политички кризи, а сите трендови од минатото од сите претседателски избори покажуваат дека процентот на излезеност во вториот круг е поголема отколку во првиот круг избори. Ако било за порака, а било за порака испратена е, прифатена е и секако ќе реагираме, но да дадеме шанса на нашата држава со излегување како гласачи на 5 мај“, рече премиерот Заев.

По најавата на Заев за кадровски „проветрување“ веќе на негова адреса пристигнуваат предлози кој треба да се најде на списокот за заминување.

Последен пример на којшто укажува јавноста е вработувањето на Антонио Кочовски, кој според информациите кои ги објави порталот „Инфомакс“, е зет на претседателот на огранокот на СДСМ во Охрид, Лазар Таневски. Кочовски, според неофицијални информации, е вработен во МНАВ – Контрола на летање со плата од 120 илјади денари или околу 2.000 евра.

Како што тврдат извори вклучени во процесот на вработување, за вработувањето на Кочовски интервенирал Николче Тасевски, зет на министерката за правда, Рената Дескоска.

Лазе Танески, инаку, е сопственик на хотелот „Лаки“ во Охрид чија вредност се проценува на околу пет милиони евра. Во јавноста во Охрид се поставува прашање како Танески со обична просечна плата успеал да стане сопственик на  бизнис со толкава вредност.

Во меѓувреме, против обидите на Заев да ја „испере“ сликата за неговата Влада во пресрет на вториот круг од претседателските избори оди и информацијата дека кумашин на вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска станал главен дистрибутер на компанијата во државна сопственост „Лотарија на Македонија“.