Стигна зејтинот од Србија: Нема потреба да трупате залихи-порача Николовски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денеска се испорачани првите количини зејтин од Србија кои утре веќе треба да се најдат во маркетите. Тој уште еднаш апелираше граѓаните да не се грижат и да не трупаат залихи, зашто масло има, и нема да се увезува само од Србија, туку и од Русија, Украина и Бугарија.

„Гарантираме дека има доволно количини. Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија, и на масло за јадење и на нерафинирано масло, така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните залихи. Максимално се работи на обезбедување доволно количини”, потенцира министерот Николовски.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој повтори дека доколку има потреба, покрај предвидените два милиона литри масло за јадење, ќе се побара увоз на дополнителни количини од Србија.

„Во контакт сме о српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската Влада да одобри извоз. Очекуваме и тргање на забраната за извоз на нерафинирано масло што ја воведе Србија”, рече Николовски.