Стихови од македонскиот автор Зоран Пејковски во издание на Хрватскиот културен центар

Неодамна во издание на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ објавена е збирката песни „Дах смрти“ на плодниот македонски автор Зоран Пејковски.

Стиховите на еден од најактивните книжевници на македонскиот културен простор, Зоран Пејковски, неодамна Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, чиј претседател е д-р Бранко Маретиќ, му ја објавува збирката песни „Дах смрти“ на хрватски јазик во препев на писателката и поетеса Снежана Алексиќ-Станојловиќ.

За овој поетски ракопис, уште во 2018 година проф. д-р Васил Тоциновски ќе напише: „Станува збор за трагична лирска исповед напишана во мигови кога дошло време за разделба со еднаш и кратко дадениот живот додека здивот на смртта своите студени усни како отворени рани за кои нема мелем се множат по телото. Не останало ништо од човекот, времето и просторот. Постои само зборот не како утеха, туку како верба со него и во одговорноста пред него како писмо да се остават аманети, пораки и поуки до поколенијата и идните времиња. Оттука епското како стожерна мисла и смисла од  творечката лабораторија на Пејковски е своевидна фреска на субјектот или поточно на главниот херој поетот, чија животна судбина ја сочинува основата на сижето. Во категориите на егзистенцијата какви што се минливоста и бесмислата, апсурдот и парадоксот се преплетуваат црвениот и црн конец како знакови на единтификација на релевантните епски, лирски и драмски знакови. Притоа не можеме од нив да одвоиме кој елемент доминира од причина што авторот совршено ги споил функциите на поетот и на драмскиот писател. Поетот на драмата, на трагедијата од една и драмскиот автор кој дијалошката форма ја остварува во стихови од друга страна. Изразот претставува богатство од комбиниран сплет на тенденциозна епска распеаност, да не заборавиме оти не постои дело без тенденција и со некој таинствен, невидлив но сеприсутен извор од кои како вековита и лековита вода потекуваат многубројни изразни средства. Тонот на приказната/приказните е повишен и секоја песна поседува сопствено епско раскажување“….

Инаку, оваа збирка песни првпат е објавена во 2018 година, во Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје, а во 2019 година беше направена и аудио книга, токму на овие стихови. Во оваа аудио книга, стиховите ги говори актерот на Народниот театар од Битола, доајенот Борис Чоревски. А оваа 2021 година се појави и хрватското издание. Така што сега неговите книжевно-драмски, прозни и поетски остварувања ја достигнаа бројката од 54 дела.

Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и редовен академик на Руската Федерација, а од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, France & Switzerland) е назначен за почесен амбасадор на мирот. Во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европска Унија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, член е на Друштвото на светските поети (Poetas delmundo) со седиште во Чиле од 2017., а тој е и почесен член на Сојузот на Украинските писатели од 2018 година. Член е и во друи писателски асоцијации и друштва.

Меѓу другото работи и како академски соработник и предавач по предметите „Театар и „театрологија“ на Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје, а еден период тој беше и асистен на ректорот Јордан Плевнеш. Автор е на над 20 драмски дела, потоа над 20 збирки песни, еден роман, четири научно-истражувачки книги од театрологијата и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.