Стипендии за истражувачки, докторски и постдокторски студии во Швајцарија за академската 2023-2024 година

Министерството за образование и наука информира дека сојузната Комисија за стипендии за странски студенти на Владата на Швајцарија ќе додели од 20 до 30 стипендии за студенти од државите во Централна и Источна Европа, како и од Кавказот, за академската 2023-2024 година.

Достапни се три вида стипендии: истражувачка, докторска  и постдокторска. Понудата не вклучува стипендии за додипломски и магистерски студии.

– Овие стипендии им овозможуваат на висококвалификувани млади дипломци од разни области да го продолжат школувањето на истражувачки, докторски и постдокторски студии во Швајцарија на некои од државните универзитети или признати институции – швајцарските универзитети, федерални институти за технологија, институти за учење и истражување и универзитети за применети науки, наведува МОН во објавата на својата веб-страница.

Апликациите и потребните документи може да се подигнат од Амбасадата (тел: 02 3103300, електронска адреса skopje@eda.admin.ch). Кандидатите треба да ја достават целосно пополнетата апликација во хартиена оригинална верзија и во копија до Амбасадата на Швајцарија во Скопје, најдоцна до 15 ноември 2022.

Повеќе информации за трите вида стипендии, важечки за македонските студенти,  може да се најдат на интернет-страницата на Амбасадата: www.eda.admin.ch/north-macedonia

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.