Стојаноска: Џафери се изживува со пратениците, недолично довикува и го злоупотребува микрофонот

Пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, на собвраниската седница во четвртокот за интерпелација на спикерот Талат Џафер говореше за неговото раководење и рече дека ако се спореди, тоа е една чаша која постојано е преполна, прави секојдневни грешки и со секој ден ѝ докажува на македонската и светската јавност колку може да биде пробиено дното.

„Немоќта да се усвои дневен ред во цели два дена ја извади на виделина сета неспособност и кршење на деловникот или докажување дека панично се направиле катастрофални и почетнички грешки од страна на еден долгогодишен пратеник, а за некого и најуспешен претседател досега. Така, кон крајот на првиот ден од нашата активна блокада и првиот ден од започнувањето на новата 71 седница сакајќи да нѐ изигра, спикерот се повика на еден член од Деловникот кој се однесува на расправа за закони и амандмани и други акти под надлежност на Собранието и кој вели дека ваква расправа може да се заклучи, а за гласање може да се определи ден и час кога Собранието би се изјаснило. Џафери сакаше да прескокне гласање по предлог за измена на дневен ред повикувајќи се на овој член. Ова беше премногу почетничка грешка за еден вака искусен и успешен претседател бидејќи нели, немаше како да се премине на следен предлог за измена на дневен ред ако претходно немаше произнесување“, рече Стојаноска.

Додаде дека бидејќи „не се работело за усвоен дневен ред и за започната седница со работа, туку бевме на усвојување на дневен ред. Самиот се збрка во сопствените маневри и беше приморан тука и веднаш да го прекине првиот ден кој заврши без усвоен дневен ред“.

Рече и дека целиот ден Џафери се изживувал врз пратениците на опозцијата, довикувајќи недолични работи и злоупотребувајќи го неговиот вклучен микрофон за да се обраќа како на излет во планина, а не како претседател кон колешки и во Собрание.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.