13.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Стојаноска: Државата добива нова влада со транзициски и искорумпирани кадри

Државата добива нова влада со стари, компромитирани и истрошени транзициски кадри, истакна на денешната прес-конференција пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска.

Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата изјава на Стојаноска:

Македонија добива нова влада со криминални кадри оптоварени со по десетина афери, случаи на непотизам и сомнежи за корупција.

Оние кои ја направија државата рекордер по корупција, криминал и неуспеси во Европа сега повторно ќе раководат со институциите.

Следува тежок период за Македонија.

Од метлата која ја најавуваше Зоран Заев нема ништо, и таа негова фраза се врбојува во многуте лаги кажани од овој човек.

Новата влада е големо разочарување затоа што во нејзе се истите кадри кои ги донесоа сите неуспеси, порази на државата и создадоа апатија кај народот.

Владата на Заев е доказ дека неспособноста, некадарноста и криминалот за жал во Македонија продолжува да владее. Затоа што на раководни места се луѓето кои беа предводници на овие работи.

На нејзино чело е Зоран Заев човек кој најмалку два пати е аболиран за криминал. Човек кој од просечно земјоделско семејство стана олигарх и транизициски профитер. Човек чие семејство поседува капитал во Македонија и Бугарија и со недвижен имот во Грција. Човек чие име и да нема крупна корупциска афера а да не се врзува директно со нејзе. Човекот кој е главата на рекетот, и кој беше директно прозван дека кај него завршиле парите од рекетот од 8 милиони евра. Заев кој го слушавме како нарачува пресуди, договара судии. Човек кој е заштитник на неправдата и човек чие име и презиме станува синоним за лаги и криминал.

Во новата влада со старите и истрошени кадри Заев не е единствениот транзициски политичар, таму е и Радмила Шекеринска која е транзициски и истрошен кадар на Социјалдемократскиот сојуз. Таа како досегашен министер за одбрана ќе остане запаметена како министерка која не посвети внимание за подобрување на статусот на Армијата, која директно учествуваше во нејзиното идентитетско обезличување. Зад работата на Шекеринска не изостанаа ниту сомнежите за криминално работење. Ќе остане запаметена по најскапата набавка на грејдери во министерството за одбрана. Таа набавила две тешки машини „грејдери“ за потребите на Армијата на Република Македонија во вредност од 464 илјади евра, а истите машини од истата компанија ‘Корковадо’ во Србија, по неколку месеци, се набавена по цена од 132.000 евра од машина или вкупно 264.000 евра за двете машини, кои никој не знае каде завршија.

Воедно Шекеринска како прв човек на министерството за одбрана ја злоупотреби армијата кога за потребите на партиски спот снимен во министерството ги построи војниците да ја отпоздрават. Воедно ќе остане запаметена и како министерка која набави униформи на македонските војници без идентитет, име и држава. Додека војниците кубурат со опрема Шекеринска како министерка купуваше не само бадеми и ореви, виски и морски плодови кои беа во вредност од над 80 илјади евра, туку и торти и колачи во вредност од неверојатни 3 милиони 700 илјади денари.

Воедно Шекеринска ќе остане запаметена и како министерка која додели грант од 500.000 денари на невладината организација „Евроатлански совет на Македонија“ во која членува токму таа. И ќе имаме прв човек на министерството за одбрана која не разликува македонско знаме од знаме на државата Аризона.

Потоа, во новата влада продолжува да биде министер најнеспособниот министер за здравство во македонската историја Венко Филипче. Човекот кој е директно одговорен за фијаското во справување со корона кризата, кој на почетокот не убедуваше дека ќе има не повеќе од 2 илјади заразени, за да денешната бројка е надвор од контрола и повеќе од десет пати од претходно кажанато односно близу 13 илјади заразени. Човекот кој продолжи да тера бизниси и додека пациенти беа заразувани.

Од една милијарда евра кредити, сите до едно евро се потрошија на изборен поткуп, а во здравството, наместо борба против корона, се изгради една монтажна болница која е странска донација.

Нема ништо од нов клинички центар, а се стопираше и градбата на клиничката болница во Штип. Но, за сметка на јавниот интерес, продолжи личниот интерес. Па така фирмата која добиваше најмногу тендери во министерството за здравство нему и на директорот на клинички му гради хациенда во Нерези.

Главната реформа на Филипче беа тендерите за Жути. Па така фирма која е основана пред само четири месеци и за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија го доби тендерот за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв. Тендер вреден 35 милиони евра. За време на министерувањето на Филипче Директорката на хематологија му даде 3 милиони евра тендери на својот татко сопственик на веледрогерија. А да не збориме и за сомнителните случаи со родилките кои починуваа, за пациентите кои губеа животи поради преплет на црева и редица други монтруизни случаи за кој Филипче сега е награден со нова министерска позиција.

Во новата влада со стари и истрошени кадри ќе продолжи да членува Никола Димитров овој пат како министер задолжен за европски интеграции. Значи човекот кој ги донесе сите национални порази не може да биде европската иднина на земјата. Човекот кој мака мачи со Заев да објасни кој е новиот датум за преговори со ЕУ, не може да донесе европска перспектива. Димитров како министер за надворешни работи ќе остане запаметен и по низа скандали. Владата во која тој беше член и исплати стипендија на неговата ќерка во износ од 40 илјади долари потпишана од сопругата на новиот министер за правда Бојан Маричиќ. Не сите успешни деца ја имаат таа среќа. Потоа тој ќе остане запаметен како прв човек на МНР кој за македонскиот народ смета дека е цитирам искомплексиран народ, народ со комплекси, несигурен во себе.

Ако Зоран Заев е промотор на криминалот, тогаш негов главен заштитник ќе остане Оливер Спасовски кој е срам за македонската полиција. Тој како поранешен прв човек на полицијата стои зад непостапувањето по бројни случаи на криминал и корупција. Додека тој беше министер полицајка се удираше во пајак само за да се заташка силеџиството на локалните шерифи во градот. Се амнестираше тепање на граѓани од страна на сдсмовскиот градоначалник Курто Дудуш. Градоначалници шверцери на цигари се пуштаа на слобода, додека вистинските криминалци беа во друштво на Спасовски. Неговото министерување ќе остане запаметено и со низа скандали како набавката на пасоши во износ од 20 милиони евра, незаконски унапредување мешу кој и она кога Спасовски си го назначил братучедот за началник на граничната полиција.

Решението на Заев, Благој Бочварски да биде министер за транспорт и врски е признание дека Бочварски е ужасно лош градоначалник на Штип кому министерската функција му е сламка за спас на неговата кариера и обврска да ги штити своите и градежните бизниси на Заеви. Бочварски како градоначалник единственото искуство со транспорт и врски го има кога делеше тендери на компаниите на неговиот татко.

Прашањето е дали градежните фирми на новиот министер за транспорт Бочварски ќе го преземат градежниот пазар во Македонија. Бочварски даде и признание наспроти негативната кампања која ја водеше СДСМ а тоа е дека трасата на автопатот Кичево-Охрид не е промашена и дека сите обвинувања биле за политички поени. Бочварски како градоначалник не може да се запамети по ниту еден единствен проект освен по рекламирањето на проект за базен со фотографија од американска држава.

Министер за правда ќе биде човекот кој е доказ за неправда и непотизам во судско обвинителските кругови Бојан Маричиќ. Бојан Маричиќ доаѓа за министер за правда откако претходно неговата сопруга беше шеф на кабинет на претходната министерка за правда, а неговиот татко е виш јавен обвинител во Република Македонија. Тој доаѓа од местото советник на Заев и неговата единствена задача ќе биде заштита на криминалот и притисок врз судството.

Нова министерка за образование е старата неуспешна министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа ќе остане запаметена по тоа што како прв човек на министерството нејзиниот неформален сопруг добивал набавки во четири очи. За време на нејзиното министерување придонеси не им беа плаќани на 14.000 граѓани, заглавени беа илјадници предмети за туѓа нега. Над 100 илјади граѓани живеат со по 50 денари дневно. Секој трет човек во државата е сиромашен.

Пратеничките Јагода Шахпаска која како пратеник си ја вработила својата золва, во Општина Берово и пратеничката Ирена Стефовска чиј главен дострел во културата е уништувањето на споменици како дел од шарената револуција не може да се новата енергија на компромитираната влада.

Давањето на секторот финансии и економија на ДУИ и измислувањето на функција заменик премиер ќе биде само бледо оправдување за неуспесите на новата влада и Зоран Заев.

На крајот ова е владин состав со најмала застапеност на жените со што се нарушува и родовата еднаквост, заклучи Стојаноска.