Стојаноска: СДС ги брани интересите на ДУИ за да не падне од власт и да не одговараат за сторениот криминал

„ВМРО-ДПМНЕ издржа на сите притисоци и надворешни и внатрешни, тоа е таа конзистентност во ставовите. И показна вежба за тоа како може кога се има цврст став со силни аргументи и да се издржи на сечиј притисок“, истакна Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

„И евроинтеграциите единствен национален став ако ни се, тогаш немаме никаков проблем ние. Но, прашање е како до нив, дали уценети или задржувајќи го нашиот национален интерес. Тоа е прашањето“, посочи таа.

Стојаноска додаде дека СДС треба сега да се правдаат пред своите гласачи за паролата која што им беше „Едно општество за сите“.

-Откако СДС е на власт граѓаните не почувствуваа ништо подобро, нема реформи во здравството, доверба во судството е на најниско ниво, корупцијата и криминалот насекаде во државата цветаат, а националните интереси се погазени, рече таа.

„Колегите од Социјалдемократскиот сојуз не пред нас да се правдаат, туку треба да се правдаат пред нивните гласачи со тоа што Талат Џафери го кандидираа, тие како најголема владејачка партија за да биде премиер. И не знам дали Талат Џафери ги покани кога славеше во Форино за што станал премиер“, рече таа.

Таа посочи дека само ВМРО-ДПМНЕ е партијата која што опстана, докажа и покажа дека можат да се бранат националните ставови и интереси.

„Оваа гарнитура на СДС покажа дека можат да се пазарат и за националните интереси, а сето тоа да го камуфлираат со евроинтеграции. Притоа не зборувајќи за криминал, за корупција“, нагласи Стојаноска.

Пратеничката рече дека пратениците од СДС ги бранат интересите на ДУИ.

„А, зошто ги бранат интересите на ДУИ? Затоа што сега паниката е ДУИ да не падне од власт за да не одговара, не е за евроинтеграциите. Ние не можеме да говориме за европски фронт и за евроинтеграции, а на друга страна да креираат криминалци, богаташи и да ги полнат институциите МВР, судство и обвинителство со кадри кои што утре евентуално би го криеле овој криминал“, истакна пратеничката.

Стојаноска укажа дека евроинтеграции значи да нема корупција и криминал во државата. А, за жал овие години власта на СДС и ДУИ единствено креираа агенда на криминал и корупција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.