Стојаноска: ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на линијата на мнозинството македонски народ

Би сакала денеска од пред зградата на МНР да кажам нешто кое целиот свет го знае, а тоа дека националните интереси се црвена линија за секоја една европска и светска држава, само за Зоран Заев македонските национални интереси се како низа црвени пиперки коишто седнал да ги продава како на една тезга во Муртино, истакна Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Би сакала да направам и една паралела со актуелното фудбалско првенство коешто е во тек и на коешто вчера видовме дека целиот македонски народ се обедини и во еден глас навиваше за нашите фудбалери, фудбалерите на репрезентацијата на Македонија, повторувам на Македонија. Додека пак од друга страна тука во Македонија имаме еден лажен навивач и лажен преговарач, тоа е Зоран Заев, којшто единствено за коешто навива и преговара е да се спаси од сопствените велепредавства и криминали.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на линијата на мнозинството македонски народ, така е и овој пат, така е и денес, така ќе биде и утре, за среда веќе се најави и се закажа седницата во парламентот на Комисијата за надворешни работи на којашто потврди присуство и министерот за надворешни работи Бујар Османи којшто останува да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нас како претставници на народот во тој парламент, околу тоа за што и како преговараат во пресрет на португалското заседавње со Европската Комисија.

Би сакала да порачам дека остануваме тука и утре, а за тоа што ќе се случува после среда, односно после онаа Комисија останува да го изразиме нашето мислење и став откако сето тоа ќе се случи. Македонија според Устав е независна, самоуверена и самостојна држава и секој кошто ќе се одлучи ова да го прекрши, односно којшто ќе се обиде дел од декларацијата на Бугарија којашто е усвоена во бугарскиот парламент во декември 2019 година, ќе значи дека го нарушува Уставот на Република Македонија и за тоа еден ден секако ќе одговара, а ќе одговара пред оние судови во коишто нема да вмешано името на Зоран Заев преку неговите судии, обвинители и итн.

Тој ден ќе дојде, а ние остануваме тука секако да се спротивставиме на овие погубни политики и секако да спречиме уште еден нов македонски национален срам, срам којшто ќе значи погибие на македонската историја, македонската култура и мешање во македонските учебници за историја. Тоа е наше богатство, наша сопственост и Зоран Заев нема апсолутно никакво право сам во свое име да одлучува за вакви круцијални прашања кои се однесуваат на Република Македонија, додава Стојаноска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.