Стојаноски до Ковачевски: Ако вие и СДСМ верувате дека туркате исправна политика, тогаш зошто е проблем да се организира референдум и од што се плашите?

На денешната собраниска седница за пратенички прашања до Владата се обрати пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој од собраниската говорница во однос на Францускиот предлог со кој билатералниот протокол со Бугарија стана составен дел од преговарачката рамка со Европската унија, го запраша премиерот Димитар Ковачевски, ако тој и СДСМ се сигурни и верувате дека туркаат исправна политика, тогаш зошто е проблем да се организира референдум и од што се плашат, зошто бегаат и зошто се плашите од референдум и соочување со народот?

„Првото прашање ми е во врска со актуелната тема којашто е наречена референдум. Референдумот е врвна демократска алатка во којашто за вакви суштински прашања народот мора да биде консултиран, особено за она што се случуваше во изминатиот месец. Вие цело време говорите дека ова што ѝ се случува на Република Македонија е историски чин, историски успех и голема радост. Но, сепак вашата историска радост ја прославивте во четири ѕида, со неколку илјадно полициско обезбедување. Сметам дека вие како Влада немате апсолутно никаков кредибилитет да одлучувате за вакви прашања, без притоа да се соочите со волјата на народот и да го запрашате директно народот што мисли за вакви протоколи, за вакви преговарачки рамки или за вакви договори во кои што комплетно се асимилира македонските идентитет. Она што е особено важно е дека СДСМ бега од соочување со референдумот, бегате од избори и се плашите од народот. Вие знаете дека предлогот што го туркате на сила е штетен за Македонија и не значи ништо повеќе, освен бугаризација за државата и затоа бегате од истиот референдум. Вие знаете дека народот ќе излезе на референдум и масовно ќе биде против ваквите предлози на асимилација и бугаризација која што ја туркате вие како премиер и оние кои што ве поддржуваат и затоа за гола власт бегате и сакате да купите ден повеќе. Конкретно, прашањето ми е следново, ако вие СДСМ верувате дека туркате исправна политика, тогаш зошто е проблем да се организира референдум и од што се плашите? Конкретно, зошто бегате и зошто се плашите од референдум и соочување со народот, праша Стојаноски.

Второто прашање на пратеникот Стојаноски е за скандалот „Нечиста крв“ кој што излезе во јавноста и кој не престанува да ја бранува јавноста. Тој го праша претседателот на Владата, Ковачевски зошто не преземаат поробусни мерки за расветлување на случајот и до кога ќе го кријат поранешниот министер за здравство и поранешен потпретседател на СДСМ, Венко Филипче во чие време на владеење се случувал скандалот?

„Господине Ковачевски, овде се работи за класично затајување на системот во кој што се вмешани неколку институции како министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, агенцијата за лекови Малмед, Центарот за јавно здравје и Финансова полиција. Не е возможно две години овој скандал да се случувал, а никој од овие институции да не реагира. Не е возможно, за ваков скандал да не знаел поранешнито ваш потпретседател на партија, министер за здравство Венко Филипче. Загубените животи и трагедиите кои што се случувале таму, никој нема да ги врати назад. Зошто не превземавте порубусни чекори за расветлување на случајот, зошто не ги оддалечивте овие кои што ги управуваат овие пет институции, кој што ги напоменав и кои што се под директна надлежност на вас, како премиер и претседател на владата и зошто не обезбедите до крај јасна истрага која што ќе покаже кој бил виновен за изгубените животи и за профитот кој што таа клиника го имала и на крајот, што уште неуспешно се обидувате да го скриете Венко Филипче“, праша Стојаноски.

Пратеникот до премиерот  упати уште едно трето прашање во врска со аферата за набавка на битумен од страна на јавното претпријатие „Македонија пат“ со кое раководи неговиот сопартиец, Костадин Ацевски кој го набавил за десет пати повисока цена од пазарната, при што запраша зошто нема реакција од владата и зошто како премиер не ги повика на одговорност оние кои што ја прават оваа пљачка од парите на граѓаните?

„И третото прашање за аферата за набавка на битумен на една институција во која што директор е член на Извршниот одбор на вашата партија, Извршен одбор со кој вие заседавате. Тој директор набавил битумен поскап и до десет пати од тоа што плаќаат другите претпријатија кои се занимаваат со слична дејност, како што е ЈП Улици и патишта на Скопје. Замислете ист договор за битумен, овој пат од градското скопско јавно претпријатие Улици и патишта, направен е два месеци подоцна откако овој ја склучил набавката, каде што за променливиот дел на цената на битуменот според формулата, од една страна е 38 илјади денари, додека за фиксниот дел каде што е направена проневерата, е она што го определува транспортот и ја определува сумата на тендерот, цената на транспорт по тон е 2.915 денари. Само за споредба, Костадин Ацески директорот од СДСМ, цената на транспорт за еден тон ја платил 29.295 денари, а улици и патишта 2.915 денари. Десет пати повеќе платил вашиот директор. Она што вие мора да го одговорите, зошто и покрај тоа што исклучително е наведено во законот за јавни набавки, дека кога има ваков случај во кој ќе има три заинтересирани претпријатија, а на крај на тендерот ќе се пријави замо едно и тоа со цена која што е многу повисока од пазарната цена, односно ако имате пример каде што истата количина по транспорт, како е возможно, едно јавно претпријатие во Скопје да ги набавува од слични дестинации и набавката да го чини илјада евра, а истото претпријатие во кој што вашиот директор директорува, да го чини 12 илјади евра. Прашањето ми е, зошто нема реакција од владата и зошто вие како премиер не ги повикате на одговорност оние кои што ја прават евидентно оваа пљачка од парите на граѓаните“, праша Стојаноски.