Стојаноски: Владата има јасна стратегија и план за справување со загадувањето, а тоа се когенеративните централи

Во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, вечерва гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој меѓу другото говореше и за загадувањето на воздухот, една од најактуелните теми деновиве како и за најавените мерки од страна на Владата за справување со ваквиот горлив проблем.

Според него ова е тема која во изминативе десетина години се претвора во навика особено во зимскиот период, тема на која постојано се навраќаме и е се поприсутна во медиумскиот простор.

„Првично беше заради политички поени, па потоа се промени власта и видовме дека од тие најави за коишто тогашните владини министри сами си протестираа против себе немаше ништо. По седум години неправење ништо, истите тие кои во минатото ги оправдуваа тие мерки а не беа соодветни, сега гледаме дека реагираат на оваа тема за којашто не велам дека не е суштинска и не треба нешто да се преземе“, истакнува Стојаноски.

Објаснува дека врз основа на анализата која е направена, а покажува дека воздухот во градот Скопје, а и во останатите градови најмногу се загадува поради немањето друга алтернатива која ја користат граѓаните за греење освен огревното дрво, Владата размислува и настапува со јасна стратегија за „напаѓање“ на загадувањето.

„Доколку сакате да го ‘нападнете’ загадувањето и да имате стратегија како тоа да го надминете мора да имате конкретен план и ние се одлучивме тоа да го направиме преку инсталација на когенеративни централи. Тие се оние централи коишто произведуваат енергија на гас. Во Скопје има една таква, тоа е когенеративната централа „ТЕ-ТО“ којашто произведува електрична енергија, но и топлинска енергија и на тој начин да можеме да го завршиме процесот на гасификација и на топлификација на градот и да може таа алтернатива да стигне до што е можно поголем број на домаќинства за да може да се замени огревот на дрва и на други материјали со овој начин на огрев и на тој начин за 60% да го намалиме загадувањето, прецизен е Стојаноски во презентирањето на решението.

Според него со оглед на тоа дека во изминатите години не е правено ништо по ова прашање, потребно е време како и партнери преку чие влегување на пазарот ќе може да се направат овие когенеративни централи со чија помош ќе се намалува загадувањето, не само во Скопје, туку и во другите градови од земјата.

„Отворен е повикот кон партнерите, јас верувам дека ќе изнајдеме начин и тие партнери да ги привлечеме тука бидејќи водиме една пријателска политика кон сите оние коишто сакаат да вложуваат. Јас сакам да ја потсетам јавноста дека со гас и со загревање на ваков начин ние почнавме уште во претходниот мандат додека бевме на власт, конкретно за градот Битола каде што преку РЕК и таа енергија што се создава да успееме со гас да ја донесеме до Битола и на тој начин ќе продолжиме да се движиме и во градот Скопје“, вели Стојаноски.