5.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Стојаноски: Живееме во две реалности – розова во која сѐ е во ред и таа е на власта и тешка и мачна која ја живее народот – обременета со долгови, мали плати и инфлација

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, на денешната седница за пратенички прашања, рече дека живееме во два света, две паралелни реалности каде што едната е на власта, каде што сѐ е розово, државата оди напред, додека пак другата е таа која ја живее народот, тешка и мачна реалност која е обременета со долгови, мали плати и висока инфлација. Стојаноски постави три пратенички прашања кои директно ја тангираат економијата и сите ги постави до премиерот Ковачевски.

-Дали заемот од ММФ за вас е успех или дебакл? Второто прашање ќе се однесува на капиталните инвестиции. При носењето на буџетот се фалевте дека првпат ќе го почитувате златното правило, а тоа е дека капиталните инвестиции ќе го надминале буџетскиот дефицит. Одлична вест, но за оние што не разбираат како оваа влада располага или ги управува капацитетите при реализирање на капиталните инвестиции. За сите капитални инвестиции ова останува еднодневна лага за ситни политички поени. За 2022 година во буџетот имавте амбициозен план кој предвидуваше многу проекти но ништо од тоа не е реализирано. Огромна е листата на капитални проекти кои власта вети дека ќе ги реализира во 2022 година, но вистината е сурова. Заклучно со 26 април, владата реализирала само 100 милиони, односно 16%, во време кога треба да биде 30%. Прашањето би било, колку милиони евра ќе ги скратите капиталните инвестиции и од кои проекти ќе се откажете, запраша Стојаноски.

Стојаноски понатаму се задржа на третото прашање, во кое говореше за платите и инфлацијата. Рече дека таа расте, народот е посиромав а парите губат вредност, поскапи и струјата, парното, храната, нафтата итн, и ја искористи приликата да упати порака до власта.

-Сакам да ја искористам приликата додека седите целата влада и да ви упатам една порака пред да го поставам моето трето пратеничко прашање. Народот веќе ве прочита и знае какви се вашите економски политики. Народот веќе е определен и ниту еден притисок нема да го промени неговото расположение за вашите катастрофални економски политики и рејтинзи и затоа ние како одговорна партија преку прес конференција, ете, ви подадовме рака да се одлучите и да ја прифатите помошта од нашите економски тимови кои треба да помогнат во вадење од ваквата страшна економска ситуација. Но, она што јас го очекував уште пред да биде завршена прес конференцијата, вие ја одбивте понудата на претседателот Христијан Мицкоски, за датум за предвремени избори, бегате од тоа затоа што сте сигурни дека на наредните избори ќе бидете жестоко декласирани. Прашањето ми е следново: Дали и кога, планирате покачување на платите во јавниот сектор и финансиска поддршка кон компаниите во приватниот сектор за зголемување на платите? Очекувам да ми одговорите, рече Стојаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.