Сто бесплатни безбедни играчки и честитка за децата

По повод завршување на кампањата „Не за отровните и опасните играчки во Македонија“ се одржа настан на плоштадот Магнолија во Битола.

По тој повод денеска на 100 деца се доделија 100 играчки, новогодишни украси и честитки. Дел од нив, за целта на кампањата, се донирани од македонски производители на играчки, а дел се изработени на работилници организирани од Организацијата на жени на Партијата на обединети демократија на Република Македонија – ПОДЕМ.

Воедно, преку 500 едукативни флаери, се подигна свеста на родителите да внимаваат при изборот на играчки за своите деца и да избираат безбедни играчки. Во тој контекст играчките кои бесплатно се поделија на децата во рамките на оваа кампања се од македонското производство и се безбедни за употреба.

Дел од овие играчки ПОДЕМ подели и на дечињата од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Битола.

„Со оваа акција уште еднаш сакаме да побараме засилен царински и инспекциски надзор во однос на исправноста на играчките кои се продаваат во Македонија, откако кај седум типа играчки во нашата држава е утврдено присуство на тешки метали и отровни материи. Потребно е и воведување на построги контролни мерки и тестирање на играчките пред пуштање во промет, како и  доследна примена на европските правила за безбедност на играчките,“ велат од ПОДЕМ.