Што е навистина патриотизам?

ПАТРИОТИЗМОТ, тоа ви е едно од својствата на љубовта – затоа и тешко се разбира и уште потешко се остварува во пракса! Но без него ни нашиот помал дом (семејството) ни нашиот поголем дом (народот/ државата) ќе немаат ниту темел, ниту заштита, ниту смисла, ниту вредност, ниту оргиналност, ниту препознатливост, ниту извесност, ниту спокој, ниту напредок, ниту РАДОСТ, ниту СИЛА, ниту ЖИВОТ!

ПАТРИОТИЗМОТ или родољубието, домољубието е едно од својствата на љубовта – затоа што ПАТРИОТИЗМОТ е грижа и заштита и помош и разбирање и поткрепа на оние околу тебе што ти се блиски по крв, по јазик, по вера, по порив заедничкиот ДОМ (народот/ државата) да напредува за добро и радост на сите кои се ВО НЕГО, но и на оние кои се надвор од него!

ПАТРИОТИЗМОТ, како својство на љубовта тој е морална вредност! Затоа, ПАТРИОТОТ не смее да биде лажлив манипулатор или крадлива ситна душа! Тој не смее во името на највишите вредности на народот – ДА ГО УНИШТУВА, МАНИПУЛИРА ИЛИ КРАДЕ ТОЈ ИСТ НАРОД, но и БИЛО КОГО!

ПАТРИОТИЗМОТ ги бара и ги препознава како свои чеда зрелите, моралните и мисловно силните личности! ПАТРИОТИЗМОТ се пројавува преку визионерите и преку оние кои разбираат која е силата на ТИМСКИОТ/ СОБОРНИОТ дух и пристап! ПАТРИОТИЗМОТ е туѓ за тоталитерните насилници и овчедушните немислечки групи и орди! ВИСТИНСКИОТ патриот својата љубов, одговорност, но и творечки порив кон својот народ ја разбира како ЖРТВА, како ДАР, како порив за ДОБРО И ПОДОБРО!

ВИСТИНСКИОТ ПАТРИОТИЗАМ е КРСТОНОСЕЊЕ! Затоа што вистинскиот патриот го носи и срамот, но и доблеста на својот народ и држава! Ги носи и поразите и победите! Го носи својот крст или го распнуваат на истиот затоа што знае дека ЕГОТО и СЕБИЧНОСТА треба да УМРАТ за ЖИВОТОТ, ВИСТИНАТА, ПРАВДАТА и НАПРЕДОКОТ да ВОСКРЕСНАТ!

Патриотизмот е како ЉУБОВТА! Некои го разбираат и го живеат, а некои само се повикуваат на него за идеолошки, популистички или прагматично да швалерисуваат!

Како што и во погрешно разбраната љубов има патологија, односно болно манифестирање, така и во погрешно разбраниот патриотизам има омраза, насилство, умислена нереална вредност, комплекс, демонизам. . .! Но, тоа драги мои не е ПАТРИОТИЗАМ, а неговата темна сенка која се вика ШОВИНИЗАМ или ФАНАТИЗАМ! Тенка е границата помеѓу ЉУБОВТА и омразата, помеѓу ПАТРИОТИЗМОТ и шовинизмот! Мудрите и зрелите души ја распознаваат, а глупавите, манипулативните, овчедушните и острастените души ја преминуваат за на тој начин да го извалкаат ПАТРИОТИЗМОТ исто онака како што многумина со омразата ја валкаат ЉУБОВТА! Но, ЉУБОВТА не се валка со омраза, затоа што оној кој мрази НЕ РАЗБРАЛ ШТО Е ЉУБОВ! Така и ПАТРИОТИЗМОТ не се валка со шовинизам, фанатизам или екстремизам, затоа што оној кој мрази НЕ РАЗБРАЛ ШТО Е ЉУБОВ!

ПАТРИОТИЗМОТ Е ЉУБОВ, но љубов мудра, силна, храбра, решителна, длабока, градивна, интелегентна, визионерска, полезна, широка, добра и од БОГА БЛАГОСЛОВЕНА.

 

пишува: презвитер Ивица Тодоров