Сто илјади евра казна за фирмата „Индо минерали и метали“

Фирмата „Индо минерали и метали“, која што е сопственик на рудниците за олово и цинк „Злетово“ кај Пробиштип и на „Тораница“ во Крива Паланка заработи казна од 100.000 евра, пренесува МИА.

Во вонредна инспекциска контрола во окната на  рудникот „Злетово“  денеска беа министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и заменик министерот за економија, Христијан Делев со инспектори од Техничкиот инспекторат. Инспекторите утврдиле неправилности опасни по безбедноста и здравјето на вработените.

Инспекцискиот надзор е извршен во јаловиштето, флотацијата и во окната на рудникот, со цел на лице место да се утврди дали се почитуваат одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов вели дека по извршената контрола е констатирано оти не се направени адекватни обуки за вработените, како и лекарски прегледи согласно проценката за ризик.

„Се работи за индиции за околу пет прекршочни пријави, кои  ќе бидат поднесени во износ од околу 26.000 евра, а дополнително ќе бидат донесени решенија за отстранување на недостатоците“, рече Спасов.

Заменик министерот за економија, Христијан Делев вели дека ќе биде изречена и забрана за работа на дел од работните и помошните простории. Во делот на флотацијата се користи застарена технологија, со што во прашање се доведува безбедноста на работниците. – Исто така не се санирани каналетките во јаловиштето, иако пред неколку месеци Техничкиот инспекторат од Министерството за економија издаде решение за нив. Ќе биде изречена мерка за непочитување на тој записник во висина од 50.000 евра за правниот субјект и 20.000 евра за одговорното лице, рече Делев.

Тој истакна дека инспекторите забележале оти во самиот рудник не се осигурани ходниците, а има проблеми со електричната инсталација, поради што ќе биде делумно затворена жица 12, каде во моментно се работи, додека не бидат отстранети сите проблеми.