Стојкоски демантира: Не сум издал никаква забрана за гаснење на затоплувањето во училишта

Сакам да упатам демант на грубите лаги и невистини изнесени во прилогот во вестите во 15.30 на TV Telma , во кој се наведува дека од моја страна е дадена забрана за користење на парно греење по 15 часот во ООУ „Мирче Ацев“, како и дека тоа било со цел да се заштеди нафта, објави попладнево преку социјалните мрежи градоначалникот на скопската опоштина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

„Од моја страна ниту усмено, ниту писмено во изминативе три месеца, од доаѓањето на функција, во ниту еден момент не било наложено или, пак, посочено како и до колку часот да се користи парното греење во која и да е институција под надлежност на Општината, а ниту на памет не би ми текнало тоа до го направам во училиштата.
И самата директорка која скоро четири години ја извршува функцијата, јавно посочи дека лага е објавената вест – дека парното греење се гасне по моја наредба. Напротив, од кога е дојдено новото раководство на општината ги посетивме сите училишта, ги нотиравме проблемите и побаравме да се направи сѐ што треба за секој ученик, како и наставниот кадар да можат непречено и во хумани услови да оддржуваат настава. Доказ за тоа може да се најде и по медиумите , но и на социјалните мрежи, каде постојано се споделуваат информации за активностите.
Го повикувам медиумот согласно новинарскиот кодекс, да објави доказ, дека од моја страна била издадена било каква забрана за користење парно после 15 часот. Ваквите лажни вести и конструкции, не одат во прилог за подобрување на било какви услови во училиштата, туку напротив, можат само да наштетат во доверба во истите.
Општина Ѓорче Петров останува отворена за медиумите и за јавноста, како и за сите прашања кои се од јавен карактер, секогаш сме отворени за било каква критика заснована на факти“, се наведува во реакцијата на градоначалникот Стојкоски.