Стојков: Бугарија се обидува да ѝ наметне статус на вазал на Македонија

„Македонија има обврски спрема Бугарија – Бугарија има само права спрема Македонија. Говорот на омраза против Македонија во Софија едноставно е нормален чин и вистина, а несогласноста во Македонија со тоа е – антибугарска пропаганда.

Истото се гледа и од супериорната позиција од која се зборува за Македонија и македонскиот народ во Бугарија – тие се објект на перманентно исмејување и понижување“, вели Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија во интервју за МКД.Мк

„Начинот на кој си дозволуваат да зборуваат бугарските државници за Македонија, за нејзиниот народ и за нејзините лидери е згрозувачки и надвор од секое пристојно воспитување. И очекуваат Македонија да се навикне и да го прифати ова како нормален однос“, вели Стојков .

Според него Буарија „применува фашистичкиот систем на колективна вина и одговорност – ако еден Македонец изрази став против Бугарија (што, меѓу другото, е негово право), па дури и да е тоа анонимен корисник на интернет – тоа се интерпретира како говор на омраза, за што е одговорно целото македонско општество и целото ќе биде казнето со блокада на евроинтеграцијата. Секое мислење што не ѝ се допаѓа на Софија спаѓа во таа категорија. Па така ниту научниците во Македонија не би имале научна слобода, ниту Македонците не ќе можат да мислат и зборуваат за себе на начин што не ѝ се допаѓа на Софија.

Македонските државници исто треба да се дресираат да не смеат да зборуваат за својата држава и за својот народ на начин што не ѝ се допаѓа на Бугарија, вели Стојков.

„Спомнете си како дури и некои невини изјави на Заев кон Македонците во врска со некои празници беа примени како провокација и скандал во Бугарија и придружени со повици да се казни Македонија. До таму оди апсурдот. Тоа едноставно не смее да се прифати и треба јасно да им се укаже на бугарските политичари.

Стојков очекува Македонија да се однесува како држава:

„Ако Македонија дозволи да ѝ се наметне таков однос, таа докажува дека нема право, или барем капацитет, да биде држава. Треба да почне да ги поддржува Македонците насекаде по светот и да одржува и да поттикнува комуникација со нив во рамките на меѓународните правила и стандарди без да се сообразува со мислењето на Софија.

Тоа – вели Стојков – ќе ја натера Софија да „почне да учи да не реагира како меански силеџија, туку да се однесува коректно и воспитано“.