Што останува после љубовта?

Момо Капор, српски писател и сликар роден во 1937 година, почина во месецот март, поточно на 3 март, 2010 година. Зад себе има оставено бројни дела, а едно од нив е и „Уна“, дело коешто режисерот Милош Радивојевиќ го има пренесено на филмското платно.

Во филмот, љубовта помеѓу професорот Мишел и неговата студентка Уна е обоена со страст и патувања. Меѓутоа, Капор замислил оваа љубов да заврши несреќно.

Токму во тој момент, тој да добил инспирацијата за еден од најубавите описи кои објаснуваат што точно се случува по раскинувањето на врската:

„Дали е тоа сè што останува од љубовта? И што воопшто останува после неа?

Телефонски број кој полека бледнее во сеќавањето.

Чаши со изгравирани монограми украдени од „Три лаѓари“.

После љубовта, останува обичајот да се сипе бело вино во двете чаши и цртата да биде на истата висина.

После љубовта останува еден што оди во кафеаната и зачудениот поглед на стариот келнер што нè гледа со некои други луѓе.

После љубовта останува реченицата: „Прекрасно изгледаш, воопшто не си се сменила…“ и

„Јави се понекогаш, сè уште го имаш мојот телефонски број“.

И некои бројки на студентските соби во коишто сме спиеле остануваат после љубовта.

После љубовта остануваат темни улици на коишто сме се навраќале после љубовта.

После љубовта остануваат песни на радиото кое излегува од мода.

Остануваат знаците на љубовните шифри: „Доколку ме сакаш, започни го утрешното предавање со зборовите чија почетна буква го формира моето име. Влезе во амфитеатарот и рече: U Našoj Avangardi… (УНА)“. Ми испрати бакнеж.

После љубовта останува твојата страна од креветот и стравот дека некој изненадно ќе наиде. Клик – спуштена слушалка кога ќе се јави туѓ глас. Илјада и една лага.

После љубовта останува реченицата која лута како дух низ собата: „Јас ќе одам прва во бањата“ – и прашањето: „Зарем нема да одиме заедно?“

Овој пат не.

После љубовта остануваат соучесниците: чуварите на тајните кои повеќе не се никакви тајни.

Преполн пепелник и празно срце. Навика да се палат две цигари истовремено, иако нема никој во близина.

После љубовта останува повредената суета.

Металниот вкус на неуспехот на усните.

После љубовта остануваат други луѓе и други жени.

После љубовта не останува ништо.

Катастрофа!“