Сто отсто онлајн – АППТ ќе ги промовира македонските зимски убавини во 20 балкански интернет медиуми

Од декемви годинава до февруари 2020, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе ги презентира зимските убавини и потенцијали на земјава целосно на интернет, на 20 различни медиуми во девет балкански држави, Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Турција, Романија и Полска. Природните убавини, традицијата, културата и гастрономијата ќе бидат само дел од интернет промоцијата.

Во дел од балканските интернет медиуми ќе се рекламираат Маврово, Пелистер, Берово, Пехчево, Кратово и целата Малешевија, како најсоодветни дестинации за задоволување на потребата од авантура и спортски активности кои во последните години се неизоставен дел од патувањето на младите, индивидуални туристи, кои имаат нескротливиот дух и енергија.

Со концептот 100 отсто онлајн, како што информира Агенцијата, ќе се реализира вториот дел од медиумската кампања за промовирање на туристичките содржини што гостите можат да ги искусат во текот на зимата.

– Во концептот 100% online, покрај рекламирање на интернет страните на познати медиуми, бројни активности ќе има и на социјалните медиуми кои во моменов се најсилните канали на комуникација преку кои се допира до потенцијалниот турист. Изборот за промоција на дестинацијава преку интернет во фокус ги стави помладите генерации и нивно анимирање преку најактивно користените канали на комуникација (Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Пинтрест). На овие канали строго ќе се таргетираат оние кои најмасовно ги користат – Millennials и Z генерациите преку хаштагот – ТвојатаСледнаДестинација (#YourNextDestination), соопшти АППТ.

Реализацијата на медиумската кампања со која се промовира туристичкиот потенцијал има за цел да ја разбуди и поткрене свесноста на младите, слободни патувачи, за постоењето на земјава како туристичка дестинација.

– Идејата е преку модерни маркетинг алатки и на креативен начин да се претстави богатата македонска гастрономија, традицијата, културното наследство и манифестации, но овој пат и интензивна комуникација на Скопје и Охрид како дестинации до кои има директни летови, што треба да ги стави повисоко на листата на туристите за нивно неколкудневно „викенд бегство”, наведува Агенцијата.