Што се случило пред Собранието со бугарските државјани?

Немало никакво апсење. Тоа не е воен објект, па да не може да се прават фотографии пред зградата, истакна портпаролот на Министерство за надворешни работи на Бугарија, Иван Димов, објавуваат бугарските медиуми, пренесува НетПрес.

Тој го демантираше македонското МВР, кое вчера објави дека биле уапсени двајца Бугари како „неовластено снимаат“ пред македонското Собрание. Според информацијата на МВР тие фотографирале странска делегација како влегува во институцијата.

Сепак, портпаролот на бугарското МНР вели дека двајцата не ја снимале конкретно странската делегација, која влегувала во зградата, туку едноставно правеле селфи пред објектот на законодавниот дом.

Полицајците само ги тргнале настрана, за да им ги проверат телефоните и да им ги прегледаат фотографиите, кои ги имаат направено, дополнил Димов.

Од МВР вчера беа децидни дека од слобода биле лишени Т.Т.Ц. (52) и Т.П.Б. (45), како и дека по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Оттука останува нејасно кој ја кажува вистината, бидејќи од друга страна, официјална Софија тврди дека бугарски државјани кај нас не биле уапсени.