Стоиљковиќ: Изјавите на власта не кореспондираат со заткулисните преговори со Бугарија, јавноста мора да знае за што се преговара

Тоа што се случува позади сцената во преговорите со Бугарија не кореспондира со изјавите на власта и затоа бараме јавно и пред јавноста да се објави за што се преговара, но и да се донесе одлука кој ќе биде од заеднички интерес на граѓаните на Република Македонија, изјави пратеникот Иван Стоиљковиќ на денешниот протест „Доста е, Излези за Македонија“.

Стоиљковиќ потенцира дека владата за штетните политики кои ги носи не дава никакво објаснување, така беше со кризната состојба, така е и со договорот со Бугарија и затоа се овие протести за алармирање на јавноста и да се доведе власта до ситуација да не донесе штетно решение за македонските граѓани.

„На овој начин се решивме да ја алармираме македонската јавност да види што се случува и претставниците на власта јавно да се соочат пред се во Собранието на Република Македонија, каде што треба да се носат одлуки за најважните државни прашања како што се меѓународните договори, а овој договор длабоко засега во европската Конвенција за човекови права и слободи, така од ние ќе продолжиме со протести“, истакна Стоиљковиќ.

Вели дека со оваа власт единствено што има е пад на демократските процеси и затоа е многу важно Владата да излезе и пред граѓаните и пред пратениците со сите информации за да можеме да имаме одлука која ќе биде во заеднички интерес на граѓаните на Македонија.