Стоилковиќ: Заев и Пендаровски не изразија сочувство за смртта на патријархот Иринеј- не е превид, туку намера

Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, преку статус на Фејсбук се прости од патријархот Иринеј, но упати и силни критики до премиерот Зоран Заев и до претседателот Стево Пендаровски, бидејќи тие не ѝ изразија сочувство на соседна Србија за загубата на патријархот.

„Изразувањето на сочувство спаѓа во правилата на убаво однесување, домашно воспитување и претставува општествена норма која треба да се почитува, посебно ако сте носител на важна и одговорна функција во државата. Но, кога не постои елементарно домашно воспитување и минимум сериозен однос кон функцииите кои ги извршувате, тогаш ќе се случи она што на нас веќе во серии ни се случува, понижувачко однесување, очигледно намерни превиди, па и нешто повеќе од тоа. Но после ваквото однесување треба да се каже дека нема вода која може да ви го испере срамот, а лажните спинови дека некој друг, а не Вие двајцата лично, Пендаровски и Заев, сте виновни за „нивото” на односите помеѓу двете држави и двата народа ќе личи на уште една Ваша несолена шала“, напиша Стоилковиќ.

Како на Путин, Помпео, Макрон и други далеку поважни политички лидери, додаде тој, не им се случи да не изразат сочуство на нивните колеги од Србија и српскиот народ по повод упокојувањето на патријархот на СПЦ, а на вас како најблиски соседи, православци нели, ви се случува.

„Сведоци сме дека претходното раководство не само што не се двоумеше туку и тогашниот претседателот Иванов дури и присуствуваше на погребот на патријархот Павле. Чекавме да поминат трите дена на жалост во Србија надевајќи се дека сте направиле превид па ќе се поправите, меѓутоа бидејќи не станува збор за превид, туку намера, сакаме од наша страна да остане забележана оваа Ваша недоветност и недоделканост која повеќе од сè зборува за Вас самите, но за и Вашиот однос кон целокупниот српски народ, чиј дел дел сме и ние Србите во Македонија и Србија“, стои во неговата објава на Фејсбук.