Стоилковски: АНБ е средиште за правење криминал, каква е улогата на Виктор Димовски во рекетот?

Огромен скандал е што наместо Агенцијата за национална безбедност да биде место за справување со криминалот, заштита на суверенитетот, уставното уредување, правата и слободи на човекот, таа е средиште за правење на криминал. Членови на Агенцијата со луѓе од подземјето правеле криминал, монтирале случаи, пишувале белешки, посочува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Аферата Рекет на Катица Јанева се заменува со нова афера, овој пат институционализирана од Виктор Димовски од СДСМ. Ете тоа се случува кога партијата на власт станува држава! Во која друга европска држава, држава во ЕУ, луѓето коишто треба да се грижат за националната безбедност, тие ја поткопуваат? Како се случило оперативци на АНБ да прават рекет, а притоа државата да ги штити истите? Ова е компромитирање на севкупниот систем за национална безбедност, рече тој.

Стоилковски прашува: Вака ли се пишувале белешки и за други случаи коишто се во функција на политичкиот прогон, наместо за сузбивање на криминал?

-Ова ли е новото лице на СДСМ? Зошто денеска обвинителството не го сослушува Виктор Димовски, директорот на АНБ? Каква е неговата улога во рекетот, каква е неговата одговорност и зошто се крие од јавноста? Почитувани, Македонија тоне од скандал во скандал, сиот систем е ставен во рацете на криминалот- од издавање на пасоши за белосветски криминалци, преку организирање таен транспорт на странски гонети политичари, до рекетирање на бизнисмени и што ли уште не. Во исто време, Македонија тоне во економска криза, енергетска криза, здравствена криза, како и криза во секој сегмент на работата на оваа трула криминогена власт. За Македонија, нема полошо од СДСМ и нивната спрега со криминалот, рече тој.