Стоилковски: Европскиот нон-пејпер ги урниса лажните ветувања на Заев и Шекеринска

Наместо напредок и реформи владата на СДСМ донесе стагнација и уназадувања, а нон-пејперот од европските државници како меур од сапуница ги распрсна лажните надежи и ветувања до граѓаните од Зоран Заев и Радмила Шекеринска за евроатлански интеграции, како што велеа, најдоцна за шест месеци, истакна во неделата на прес- конференција Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Велеа: ‘Знаеме како!’ Нон-пејперот го прикажа вистинското светло на лажната ‘Кристално чистата’ препорака за отворање на европските преговори! Нон-пејперот и реакцијата на власта по него, ја покажа вистинската игра: дека оваа ‘Ќе влада’ евоатланските интеграции ги сведува само на распродажба на македонските национални и државни интереси. Нон-пејперот ги затвори устите полни со Извештајот на Рајнхард Прибе на актуелната власт! Нeма реформи, туку само партизација и злоупотреба на системот. Европската унија гледа што се случува во Македонија и образложенијата од типот ‘ВМРО е виновно за сѐ’ кои ги пласираат, веќе не минуваат. Од ЕУ чекаат реализација на реформите. Овој нон-пејпер е доказ дека ниту Заев, ниту оваа екипа околу него нема капацитет да ги направи суштинските реформи. Единствено поле каде што се бележи прогрес е корупцијата која расте и се институционализира. И европските лидери го посочуваат дека оваа ‘Ќе влада’ нема намера да го реформира правосудниот систем. Реформи кои нема да дозволат судство за политички монтирани случаи. Реформи против селективно судство кои имаат за цел владеачкиот картел да го заштитат, а сите други кои не размислуваат како нив да ги изложат на политички мотивиран прогон“, истакна Стоилковски.

Запраша впрочем каде е разрешницата и за случајот со двајцата членови на владата за кои пред седум месеци беше обелоденето дека биле oсомничени за корупција. Тоа, посочи Стоилкоски, само говори дека оние што се корумпирани, или сомничени за корупција сѐ уште се на високи државни функции и делото го повторуваат без да бидат санкционирани.

„Зоран Заев и неговата свита прокоцкаа цела година на граѓаните и на Република Македонија. Европската унија гледа што се случува во Македонија и образложенијата веќе не им минуваат. Франција, Холандија, Данска…, но и другите европски држави не се непријатели на Македонија и не измислуваат. Критиките кои тие ги упатуваат во нон- пејперот беа содржани и во извештајот, но, за жал, ретко кој во медиумите и во експертската јавност имаше храброст и капацитет да ги види и да укаже на нив. Затоа истите критики сега ги гледаме и во овој европски документ. Од Европската унија чекаат реализација на реформите, македонските граѓани чекаат на реформите. Во меѓувреме реформиран е само криминалот, а здравството, економијата, вработувањата, социјалната помош, администрацијата, образованието, чекаат! Заглавени се исто како што се заглавени и низата проекти за подобро утре, оставени од минатата власт, а оваа нема капацитет да ги спроведе“, рече Стоилковски.

Додаде дека наместо напредок и реформи оваа „Ќе влада” донела стагнација и уназадување во сите области. Животот кој го ветуваа го заменија со антидржавно и антинародно владеење.

„Ова веќе не е Влада, ова е јарем околу вратот кој ја турка државата сѐ подалеку од Европа. Македонија и граѓаните немаат време за губење. Колку побргу си заминете, толку подобро за државата и за нашиот народ“, порача Стоилковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.