Стоилковски: Изостанува реакција на институции по сведоштвата за атентатот врз Глигоров

Срамно е што изостанува реакција на институциите околу сведоштвата на долгогодишниот претседател на Собранието, Стојан Андов кој директно во својата мемоарска книга го посочи тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски како инволвиран во атентатот на шефот на државата Киро Глигоров во октомври 1995 година, изјави во саботата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски

Истакна дека државата мора да покаже интерес и да отвори истрага за атентатот над поранешниот претседател Киро Глигоров,  откако  по 24 години повторно се отвора трага, по сеќавање и сведочење на поранешен претседател на Собранието  и на новинар. Стоилковски порача дека е неопходно да се покрене истрага по овие наводи, по допрен глас, или по како и да сакаат да најдат основа и да ги наречат овие јасни нивни показатели и искази.

Срамно е што се’ уште изостанува реакција на институциите околу сведоштвата на Стојан Андов кој директно го посочи Љубомир Данилов Фрчкоски како инволвиран во атентатот на Киро Глигоров. И Зоран Заев, исто како и ’Кацарска судството’ и ’Рускоска обвинителството’ молчат околу новите наводи за атентатот врз Претседателот Киро Глигоров. Ниту атентат ги интересира, ниту обврската кон семејството на покојниот Претседател, иако и најблиските и целата јавност имаат право да ја дознаат вистината околу хаосот и црнилата што и пред 24 години ги донесе СДСМ, рече портпролот на опозициската партија.

Стоилковски оценува дека власта не е заинтересирана ниту за сведочењето на поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, ниту за исказите на новинарот Љубомир Гајдов.

-Наместо нарачаните политички изјави од лица обвинети за сериозни дела, кои за Зоран Заев имаат поголемо значење, државата мора сериозно да се позанимава со овој огромен скандал. Не може заради политичките процеси мотивирани лично од аболицираниот криминалец Зоран Заев, државата во јавноста да ги поклопи сведоштвата на Стојан Андов и на Љубомир Гајдов, со нарачано сведоштво во политички мотивиран процес. За Зоран Заев, СДСМ, „Кацарска судството“ и „Рускоска обвинителството“, Стојан Андов и неговото сведочење и изјавите на Љубомир Гајдов имаат помал кредибилитет околу нарачаното сведочење. Државата и институциите мора да отворат истрага, колку и да се во пупката на Заев. И „Рускоска обвинителството“ и МВР на министерот за прогон Спасовски, и „Кацарска судството“, мора да излезат од таа пупка и да дадат одговор по овие јасни и недвосмислени сведоштва, вели тој.