22.8 C
Skopje
понеделник, октомври 7, 2024

Стоилковски: Ковачевски и СДС мора да одговорат каква агенда и план разработен од тиранската средба добиле на маса за продолжување на агонијата и тонењето на Македонија?

Фалењето на тиранската средба од страна на Димитар Ковачевски е потврда за се она што го кажавме за таа средба! Премиер се фали што лидери на политички партии се среќаваат, како ученичиња запишуваат задачи од премиер на соседна држава. Премиер во нормална држава би го осудил таквото однесување, Димитар Ковачевски тоа го пофали затоа што се работи за интерес за пари и за спас на неговата политичка кариера, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Но, затоа, Димитар Ковачевски молчи што е тоа што треба да му исполни на Али Ахмети од тиранската средба во замена за опстојување на власт и продолжување на коалицијата на криминалот и корупцијата? Од јавен интерес е Димитар Ковачевски да соопшти што е тоа на коешто беспоговорно се потчини пред испорачаното од Тирана одобрено преку празни флоскули и ловорики кон премиер на странска држава? Дали и кои бизнис интереси се побарани, дали и кои отстапки се побарани, дали и кое предавство е на маса? Ова што го прават Ковачевски и Ахмети нема врска со положбата на Албанците во Македонија, туку со криминални интереси и тендери за поединци. Однесувањето на Димитар Ковачевски и СДС е само потврда дека тиранската средба е на барање на Ковачевски за спас на фотелјата и политичката кариера преку отстапки и предавства, а за возврат да се реализираат агенди на штета на Македонија. Вртоглаво ја губат довербата од граѓаните, па се подготвени да исполнат се’ што ќе се побара од нив, на штета на македонските интереси, само и само за продолжување на мандатот на криминалот и на корупцијата, вели Стоилковски.

Тој додава дека Димитар Ковачевски и СДС мора да одговорат каква агенда и план разработен на оваа средба добиле на маса за продолжување на агонијата и тонењето на Македонија?

-Одлуките за Македонија мора да се носат во Македонија и по промената на власта ќе се престане со оваа практика за Македонија да се одлучува надвор од Македонија, потенцира Стоилковски.