Стоилковски: Лебот поскапе заради неодговорноста на власта

Лебот поскапува за 20 проценти заради неодговорноста и незаинтересираноста на оваа црна власт, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој додаде дека сметката за погрешните економски политика на власта ја плаќа народот.

„На оваа криминогена власт и се одмотува спиралата на поскапувања. Цените на лебот во секоја држава се најстабилни и ја отсликуваат состојбата на земјоделството и економијата воопшто.

Лебот поскапува заради лошите мерки, недостаток на квалификувана работна сила, зголемување на цената на пченицата во последните месеци за 40%, поскапување на енергенсите. „Зелената нафта“ која што ја ветија ја нема, а цената на горивото за механизацијата од 37 денари поскапе на 69 денари за литар. Цената на пченицата се формира врз основа на цените пред жетвата, а годинава пред жетвата на пазарот беа пуштени огромни количества пченица по цена од 7 до 8 денари, како и увезено брашно од Србија и од Косово и цената за македонските производители остана депласирана.

Почитувани,

Црно правило е дека кога поскапува брашното, кога поскапува лебот, почнува да врти инфланторното тркало на поскапувања на сета храна. Министерството не треба да реагира отпосле, туку да превенира. Доколку знае како.

ВМРО- ДПМНЕ во јули укажуваше на опасност од колапс и поскапување заради неодговорноста на власта. Апелиравме на покачување на откупната цена на пченицата со што парите ќе останеа кај домашните производители и преработувачите, а тоа ќе создадеше и стабилност на пазарот со откупувања на сите произведени количини. Наместо тоа македонската пченица завршуваше на странски пазари. Укажавме дека заради неатрактивност и неисплатливост на производство на пченица значително ќе се намалат површините под сеидба на лебно зрно, што и се случува.

Министерството за земјоделство потфрли во сите ресорни гранки. Ниедно од ветувањата до земјоделците не исполнија. Ветуваа загарантиран откуп, а луѓето во Ресенско ги фрлаа јаболките на буниште. Луѓето во Струмичко ги фрлаа нивните родови на буниште, зелките, сливите во Пијанечко и Малешевијата завршија исто така на буниште. Оризопроизводителите исто така во Кочанско. Праските во Росоман останаа необрани, маката на земјоделецот остана необрана.“, истакна портпаролот Стоилковски.