Стоилковски: Мафијата во Македонија си доби држава

Релевантни меѓународни истражувања и анализи, поткрепени со сведоштва, презентирани неодамна во Виена покажуваат дека мафијата во Македонија си добила држава, истакна во саботата на прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Посочи дека повторно наместо одговорност за состојбата, актуелната власт се обидува да ја убеди јавноста дека информациите од Глобалната иницијатива против организираниот криминал, коишто беа пренесени од светските медиуми, била „измислица“ на опозицијата.

„Оливер Спасовски и Зоран Заев по тоа испраќаат партиско соопштение дека тоа било измислица од ВМРО-ДПМНЕ! И внимавајте не одговара МВР, не одговара Владата, туку на соопштенијата и прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ одговара СДСМ“, рече Стоилковски.

Оцени дека наводите и заклучоците во споменатиот извештај се се децидни, со анализи, наоди и цитати дека организирани криминални групи се во спрега со власта и дека уживаат политичка заштита.

„Извештајот ги посочува криминалните групи од селата Кондово, Грчец и Арачиново како групи кои што со знаење и помош на власта и партиски-владини функционери вршат шверц и трговија со дрога, пренесуваат мигранти, организираат кражби на возила. Имаат и легални бизниси како покритие за шверцот, и можност за перење пари. И тоа го прават со знаење и помош на власта, која според сведоштво на полициски структури, околу 3 часот наутро се гасат камерите на граничните премини, а службениците мора да замижат пред камионите кои што го вршат транспортот и шверцот. И по вакви наводи и резултати од истражувањата, наместо владата и МВР се јавува СДСМ да каже дека тоа е измислица и лага“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Стоилковски, со ваквиот извештај СДСМ е „фатена на дело како тргува на нарко-пазарот“ и за тоа на пратеникот Павле Богоевски мму бело „наредено“ да поднесе оставка. Истакна дека наместо да побара расветлување на случајот, власта ја впрегна машинеријата да го прикаже пратеникот како светец.

„Нема ден СДСМ и власта да не се уловени во нов криминал, нов обид за криминогено однесување, нова манипулација и тоа на највисоко ниво, а за тоа да нема одговорност. Сега и меѓународни документи покажуваат дека власта шурува со криминалните структури и дека ги држат полицијата и обвинителството во пупка за да се овозможи политичка заштита на криминалот. МВР и ОЈО служат само и само за политичкиот прогон врз опозицијата и неистомислениците“, додаде Стоилковски.

Предупреди дека круминалот на улиците на македонските градови „цути“, а надлежните институции и органи остануваат без никаква реакција.

„Напротив, СДСМ ослободи околу 850 осудени затвореници од затворите и ги пушти на улиците. За потсетување, само во јануари во Скопје се пријавени над 520 кражби и тешки кражби. Над 520 семејства кои што беа ограбени и трауматизирани само во јануари. Повеќе од 20 на ден. Од тоа, реализацијата, односно откривачката дејност на полицијата не надминува мизерни дца отсто. Спрегата којашто ја открива анализата на Глобалната иницијатива против организираниот криминал за политичка заштита на криминалот, остава место за сомнеж дека се откриваат само криминалците коишто не плаќаат рекет и не соработуваат со оваа власт“, рече Стоилковски.

Побара од минситерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од неговиот претпоставен, премиерот Зоран Заев да одговорат на низа прашања од оваа област: Кои се’ политичари стојат зад криминалните групи од Грчец, Кондово и од Арачиново? Дали и кои други криминални структури уживаат политичка поддршка во замена за изборна поддршка и лично богатење? Кој или кои се тие што наредуваат да се гасат камери и да се премижува на граничните премини додека се одвива нелегалниот транспорт? Дали ваквите дела се во врска со изјавата на Заев дека сопрел истрага за корупција за членови на владата? Дали делата се врзани со фотографиите на Заев со звучни имиња од подземјето? Дали Спасовски и конечно ќе ги расчисти низата убиства, како она на Партизанска во Скопје, додека убиецот на Мартин Јанушев се шета на слобода?

„Државата тоне во хаос, мафијата ја води државата, криминалот цвета, додека претставници на власта блескаат во очите. Зоран Заев и Оливер Спасовски ја претворија Македонија во ветена земја за криминалот и за мафијата, а анализи покажуваат спрега на власта со мафијата давајќи политичка поддршка! Заев, Спасовски, ова е навистина срамно, заминете си, граѓаните на Република Македонија не заслужуваат криминогена власт“, заклучи Стоилковски.