Митева, Стоилковски и Арсовски се повлекоа од предлог-листите за членови на УО на Водовод и ЈСП

Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, Димче Арсовски и Наум Стоилковски, кои се најдоа на листата со предлози за членови во управни одбори на јавни претпријатија и институции под надлежност на Град Скопје веднаш откако СДСМ ја објави информацијата соопштија дека се повлекуваат од предложените листи од принципиелни причини.

„Во мојот начин на делување немало двојни принципи, ниту ќе има во иднина. Интегритетот е нешто кое нема цена. СДСМ ги гледа функциите во државава како начин за печалење пари, за криминал, јас пак бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП Водовод на виделина, ќе ѝ образложев на јавноста како се склучувале договори за изградба на водоводна мрежа на Варшавска итн“, напиша Митева и побара предлогот за неа да биде повлечен.

Стоилковски, пак, се заблагодари за довербата и честа да биде предложен за член на УО на ЈСП, ама принципиелно се повлекува.

„Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзано со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре на ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам сиот криминал со компанијата и секако, за планот за БРТ. Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи ниту со претпријатија. Во име на тие принципи и во име на таа разлика, донесов одлука да се заблагодарам за довербата и честа да бидам предложен за член на УО на ЈСП и да побарам да бидам исклучен од листата“, пишува Стоилковски, ама додава дека им остава аманет на оние коишто ќе бидат избрани, да не го премолчат криминалот.

И Арсовски побара да биде отстранет од предлог-листата за член на УО, немало да дозволи „стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на неговото име и семејство“.

„Да, предложен сум за член во УО на ЈП Водовод и сметам и сум сигурен дека имам доволно знаење, дигнитет, кредибилитет, чесност во мене и волја да учествувам во домаќинско менаџирање на оваа институција, но и да се заложам да се работи транспарентно и јавноста да знае што се работи, но и што се работело претходно, обелоденувајќи го целиот криминал. Но, гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите“, пишува Арсовски.