Стоилковски со коментар на денот: Шилегов со стара комунистичка тактика- ако не си изградил ништо тогаш преименувај го постоечкото, противзаконски смени 500 имиња на улици

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истурка на сила промена на имиња на речиси 500 улици, булевари, плоштади, мостови и тоа – противзаконски! На крајот од мандатот за кој што ќе остане забележан единствено по скандали, Шилегов се користи со старата добра школа од поранешниот систем – ако не си изградил ништо тогаш преименувај го постојното, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во Коментар на денот.

„Со овој чекор не може, а да не се забележи и дека Шилегов се приклучува кон бришачите на институционалната македонска историја, со замена на имиња на македонски личности низ историјата и со употреба на целосни анонимци за македонската јавност.

Но, покрај моралниот аспект – наместо помош на граѓаните во услови на здравствениот погром – тоа што е најексплицитно е сепак правниот аспект на овој зафат!

Во Македонија има Закон! И тој Закон мора да се почитува и важи за сите, било тоа да е Шилегов или друг потрчко на режимот!

Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, со кој што се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и водење на регистар и евиденција на имиња на улици, е дециден.

Во својот член 8 стои – „Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да се промени на начин и во постапка за нивно определување“. А, понатаму во истиот член вели – „Промената од став 1 на овој член не може да се врши шест месеци пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на населението“.

Потенцирам – промената не може да се врши една година пред планиран попис на населението.

Правно пописот во Македонија требаше да почне веќе УТРЕ. Законот за сопирање на пописот се уште не е изгласан. Пописот со политички договор е одложен, и ќе се одржи во септември.

Но, и во двата случаи, иако не само што е правник по професија, туку и на седницата на Советот на Град Скопје беше предупреден за овој член, Шилегов го истера инаетот.

Иако судски овој зафат за преименување на речиси 500 улици, мостови и плоштади во Скопје ќе падне на суд заради токму членот од Законот, Петре Шилегов ќе остане запаметен како единствен кој што во еден ден сменил имиња и бришел македонска историја од 500 улици, плоштади и мостови! Тоа се нема случено од окупацијата, или како што милува групацијата околу Шилегов, од администрацијата врз Македонија во Втората светска војна“, подвлекува Стоилковски.