Стоилковски: Спасовски и Заев му дале полициско обезбедување на криминалецот Седат Пекер

Министерството за внатрешни работи водено од Оливер Спасовски му дало полициско обезбедување и возила на Седат Пекер, криминалец по кој трагаа турските правосудни институци, а турскиот криминалец при неговиот престој во Македонија добил и македонска патна исправа,  рече во саботата во изјава за медиумите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

„Спасовски наместо да апси криминалци, им дава полициска заштита. Седат Пекер е лице кое се бара со потерница во Турција, добро познат на полициите ширум светот и Интерпол, а во Македонија од владата на Зоран Заев доби најголеми почести, полициско обезбедување, возила, и средби со функционери на власта. Седат Пекер, еден од криминалците на кој им биле издадени македонски документи, сам кажува дека бил на гости дома кај Зоран Заев“, потсети Стоилковски.

Порача дека попусти се обидите на Заев и на Спасовски „да се вадат“ од овој случај. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, потсети дека за добивање олициско обезбедување не одлучуваат службениците од одделот за издавање патни исправи кои се натерани да ја преземат вината, туку началникот на ткн Шестата управа, директорот на Бирото за јавна безбедност и самиот Спасовски како министер кој мора да биде известен за тоа.

„Зошто МВР и Спасовски му дале обезбедување на Седат Пекер? Дали за тоа влијаела неговата дружба со Заев? Што правела АНБ и зошто не известила за каков криминалец станува збор? Доколку известила зошто известувањето или предупредување не е испочитувано?“, праша Стоилковски.

Потенцираше дека станува збор за многу сериозни прашања на коишто Спасовски и Заев мора да одговорат.

„Не знам дали се свесни, но и да не одговорат денес, ден за одговори и одговорност ќе има. Злоупотребата на полицијата за заштита на криминалци нема да остане неказнета“, порача Стоилковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.