16.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Стоилковски: Темелковски не го доправи булеварот, а сега не му е важно дали ќе му сменат име?

Цело Скопје се чуди што им згрешил Борис Трајковски, што му запнале да му го тргнат името од еден од централните булевари во метрополата? Сите се кренаа со коментари, само Филип Темелковски, градоначалникот на Кисела Вода – никаде го нема! Тоа што токму Булеварот Борис Трајковски му е главна артерија на општината – за него не е важно, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во Коментар на денот.

-Тоа што онаа парцелата кај Расадник каде планира 110 згради и 10.000 нови домаќинства граничи со булеварот Борис Трајковски за Темелковски е неважно. Важно е да минат дуп-овите, а како ќе се вика булеварот не е важно! А и што да каже Филип Темелковски за Булеварот за кој што заедно со Петре Шилегов ветуваа негова доизградба, а четири години нема ништо од остварувањето на ветувањето. Филип Темелковски доби готов проект за завршување на Булевар, изграден и наследен во три готови дела, требаше само четвртата фаза да ја заврши – ама ете, Темелковски имал свои други темелни приоритети. ДУП за темели за 110 згради, за 10.000 нови станови, подвлекува тој и додава:

„Тоа што оние од Драчево и од скопска Пинтија колите си ги искршија, тоа што најмалку цел час минуваат во метежот да стигнат до работа, и уште толку за назад – тоа за градоначалникот не беше приоритет. А го ветуваа, заедно со Петре Шилегов, во изборната трка во 2017 година! Стоеше зад него, одоброволуваше со главата, додека Шилегов ветуваше завршување на булеварот. И сега, по четири години, едниот решил да му го менува името, а другиот молчи. Можеби и сега одоброволува со главата, ако воопшто му е важно како се вика булеварот на кој што би граничеле и би излегувале оние 10.000 нови семејства вдомени во Расадник, врз темелите поставени од Филип Темелковски. Филип Темелковски не го доправи булеварот, а сега не му е важно дали ќе му сменат име? Филипе, како ли ќе се појавиш во Драчево и во Пинтија? И уште поважно, знаеш ли по кој булевар се стигнува до таму?“.

Да се биде градоначалник, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, не значи само да се преименуваат улиците. Ниту да се мисли на нови темели. Туку да се овозможи на луѓето да останат на своите темели!