Стоилов за двојазичниот избор на спортист на годината: Се чувствувам засрамено и понижено

Капитенот на РК Вардар, репрезентативниот пикерот Стојанче Стоилов, станал и си заминал кога слушнал дека добитниците на наградите од училишта од Тетово и Чаир ѝ се обраќаат на публиката на албански јазик.

Првите две награди за училишен и за средношколски спорт заминаа кај училишта од Чаир и од Тетово, при што тетовскиот добитник на признанието на присутните им се обратил на албански.

Стоилов станал и си заминал, демонстративно ја напуштил манифестација која за првпат е двојазична.

-Се чувствувам засрамено и понижено, се пожалил искусниот ракометар во вибер-групата на репрезентативците кои се сместени во хотелот во кој се одржа манифестацијата.

Стоилов беше избран за „Најдобар спортист на Македонија за 2017 година“ на истата манифестација, што ја организира Агенцијата за млади и спорт.

Годинава признанието им припадна на каратистот Емил Павлов и ракометарката Сара Ристовска, во машка односно женска конкуренција.

Машката и женската ракометна селекција на Македонија се прогласени за најуспешни тимови од страна на Агенцијата.
Кирил Лазаров, капитенот на машката ракометна репрезентација, пак е прогласен за најдобар македонски спортист во странство.
– Ни претстојат многу предизвици во следната година, размислуваме позитивно, стоиме цврсто на земја и се надеваме дека ќе бидеме подобри во 2019-та во однос на претходната, изјави Лазаров.
Сите добитници на наградите за Спортисти на годината:
Спортист на годината: Емил Павлов (карате)
Спортистка на годината: Сара Ристовска (ракомет)
Спортист на годината кој настапува во странство: Кирил Лазаров (ракомет)
Најуспешна федерација: Карате федерација на Македонија
Најуспешен тренер: Сашко Арсовски (карате)
Најуспешна машка репрезентација: Ракометна репрезентација на Македонија
Најуспешна женска репрезентација: Ракометна репрезентација на Македонија
Најуспешен спортист со инвалидитет: Оливера Наковска-Бикова (стрелаштво)
Најдобар млад спортист: Фахик Весели (карате)
Најдобра млада спортистка: Анамарија Георгиевска (таеквондо)
Најуспешен клуб Универзитети: Мал фудбал УКИМ
Најуспешен клуб средни училишта: „8 Септември“ – Тетово

Најуспешен клуб основни училишта: „Тефеjуз“ – Чаир.