Стојаноска: Со човечки животи се плаќа нестручноста и неспособноста на власта

Неспособноста и незнаењето на владата предводена од СДСМ и министерот за здравство Арбен Таравари добиваат загрижувачки размери и, за жал, цената на овој хаос и неизвесност кои ги креираат Заев и Таравари почнува веќе да се плаќа со човечки животи, истакна на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Катастрофално е министерот и премиерот да немаат обезбедено реагенси за констатирање на дијагноза. Страшно е 5 дена да немаат никаков интерес да санираат една појава на тешка болест, воопшто да не се замараат за здравјето на луѓето од Симница и гостиварско, и наместо да покажат грижа да се обидат да го сокријат настанот. Така држава не се води“, рече Стојаноска.

Забележа дека не само што се одговорни за катастрофата во Симница, она што е поразително е што и сега откога состојбата ескалираше и стана јавно видлива тие заради своето незнаење и немање капацитет не се во состојба да покажат минимум грижа за населението и да воспостават контрола во хаосот.

„Додека во Република Македонија умираат луѓе и еден цел регион е во паника, Таравари од луксузна и скапа хотелска соба во Америка, во атмосфера со пригушено светло си дава паушални изјави. Додека министерот е надвор од државата, заменикот министер Гоце Чакаровски си прави промотивни кампањи во Битола, и сето тоа додека Гостиварци, Македонци, Албанци, Турци, Роми се во страв, паника и исплашени за своите животи и животите на своите деца. Гостивар е загрозен опасно, ситуацијата е алармантна, а Таравари си прави екскурзии во Америка. Неодговорно и срамно. Оваа негрижа, непосветеност и неспособност на кадрите на Заев им се удри од глава на гостиварци, со ризик да се почувствуваат опасните последици во цела Македонија. Цел Гостивар е во паника, жителите на Симница се вознемирени и смртно исплашени, вработените во инфективната клиника во Скопје се во паника, и во право се. Заради неспосветеноста на Таравари се создаде хаос и неизвесност која ги загрози и ги загрозува граѓаните на Македонија“, рече Стојаноска.

Додаде и денеска сé уште нема точна дијагноза од што починале двете лица од гостиварско. Сé уште јавноста не знае дали е набавен потребниот реагенс и која е вирусната болест којашто се шири низ гостиварско. Тотално немање капацитет на министерот и неговиот тим.

„Додека граѓаните се во хаос и паника, службите на министерството спијат. Најмалку што може да направи во моментов Таравари е да си поднесе оставка заедно со целиот тим. Граѓаните очекуваат да понесе одговорност“, рече Стојаноска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.