Стокмен предлог законот за амнестија

Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ го скрои предлог законот за амнестија.

Според извори од независната пратеничка група, нивниот предлог предвидува целосно ослободување од обвинувањата за обвинетите за настаните од 27-ми април  кои не сториле насилство и не се директно поврзани со планирањето. За оние кои пак се товарат дека нарачале, организирале и спровеле насилство во законодавниот дом се предвидува преквалификација на делата.

За вторите, велат од пратеничката група, сепак ќе бидат потребни дополнителни консултации дали е можна преквалификација.

Предлог законот пред собраниското координативно тело ќе биде презентиран в среда за кога е закажан првиот состанок на телото за помирување.

Инаку, денеска во Собранието не помина предлог законот за амнестија којшто го поднесоа пратениците од ВМРО ДПМНЕ. Според опозицијата, овој закон ќе обезбедеше национално помирување, а не селективна правда каква што најавува премиерот Зоран Заев.

„Законот предвидува вистинско национално помирување за сите кои учествувале во настанитеод 27 април, а не селективно помирување како што сакаат да направт премиерот Заев и парламентарното мнозинство преку т.н Комисија за помирување… Игор Дурловски, Владо Јовановски, Борис Дамовски не се и не можат да бидат терористи, ниту вработените во МВР… Целта на законот е национално помирување и враќање на нормалните теркови во државата. Ги повикуваме сите пратеници од парламентарното мнозинство да дадат поддршка за законот за амнестија, конечно да завршат поделбите во македонското општество и да ја вратиме државата во нормлана насока и да се концетрираме на висниските проблеми кои ги мачат граѓаните“, рече пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Невенка Стаменковска образложувајќи го законот од собраниската говорница.

Но, парламентарното мнозинство со 54 гласови против го одби законот од понатамошна расправа во Собранието. Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ вели дека за нив непрефатливо е да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април.

„Треба да се  направи разлика помеѓу оние што нарачале и оние што извршиле насилство и оние кои биле во еуфорија во Собранието за време на настаните од 27 април“, вели Костадинов и додава дека очекуваат наскоро координативното тело за помирување да излезе со предлог закон за амнестија.

Со телото за помирување копреседаваат потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски и пратеничката Емилија Александров од независната пратеничка група. Телото е составено од 25 пратеници и во неговата работа досега не учествуваат пратеници од ВМРО ДПМНЕ.