Столе Попов порача: За македонскиот јазик не смее да се разговара

Режисерот и сценаристот Столе Попов како добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 41-то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во своето обраќање кога го прими признанието рече дека за македонскиот јазик не смее да се разговара, а камо ли да се преговара.

-Нема ништо посвето од јазикот, културата и духовноста на човекот во средината во која живее. Една порака до политичарите – да не забораваат на фундаменталните вредности на светската цивилизација, кои се почесто се занемаруваат и се губат. Треба да имаат на ум дека со сила убавина нема – рече режисерот.

Додаде дека му е драго што наградата од Друштвото на филмските уметници на Македонија, како што вели, го задржала генеричкото име и уште еднаш порача дека за македонскиот јазик воопшто не смее да се разговара.

-Мислам дека е време да исчезнат било какви комбинации околу некои бришења, негации, кои водат до тоа да исчезнат придавките кои никогаш не биле предмет на разговор, а камо ли на прифаќање – додаде Попов.

Тој ги режираше култните македонски играни филмови „Црвениот коњ“, „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, потоа „Џипси меџик“, „До балчак“ и неколку документарци.

Помеѓу присутните синоќа беше и претседателот на државата, Стево Пендаровски кој претходно имаше и свое обраќање. Забележително беше дека режисерот Попов не доби аплауз од присутната политика за овие моќни патриотски пораки во говорот.