Столтенберг бара повеќе пари за одбрана, македонскиот буџет за одбрана е 1,85 отсто од БДП или 274 милиони евра

Земјите членки на НАТО да го забрзаат зголемувањето на трошоците за одбраната, повика вчера генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, напоменувајќи дека целта на организацијата – 2 отсто од Бруто-домашниот производ (БДП) ја исполнуваат помалку од една четвртина од членките. Македонија како најнова членка на НАТО со буџет за одбраната од 274 милиони евра односно 1,85 отсто од Бруто-домашниот производ (БДП) е на врвот на листата на членките на НАТО, а Владата најави дека во 2024 година ќе се реализира преземената обврска издвојувањето за одбраната да достигне 2 проценти од БДП.
Столтенберг на вчерашното претставување на годишниот извештај на НАТО за 2022 година рече дека рускиот напад врз Украина покажал дека светот станал понебезбеден и дека сојузниците на НАТО мора да одговорат со поставување и исполнување на поамбициозни воени цели. Говорејќи за буџетот за одбраната, тој кажа дека само седум од вкупно 30 членки на Алијансата ја исполниле целта да издвојат 2 отсто од БДП, а се очекува уште две земји да ја исполнат целта. Седумте земји кои стигнале до целта, според извештајот, се Грција, САД, Литванија, Полска, Велика Британија, Естонија и Летонија, а најблиску до целта се Хрватска и Франција кои сега за одбрана трошат по 1,9 отсто од БДП.
– Нема сомневање дека треба да направиме повеќе и да го направиме тоа побрзо. Сегашното темпо на зголемување на трошоците за одбрана не е доволно високо. Мојата порака до сојузниците е дека го поздравуваме она што го направија, но тие мора да забрзаат, мора да направат повеќе во овој поопасен свет, изјави Столтенберг пред медиумите во седиштето на НАТО во Брисел.
Според него, актуелните 2 отсто од БДП сега треба да се гледаат како минимум, а целта на членките е да се движат побрзо за да достигнат повисоки нивоа.
Што се однесува до буџетот на Македонија за одбраната, министерката за одбрана Славјанка Петровска веќе информираше дека со буџетот за 2023 година од делот за одбраната високи 33 отсто се издвоени за опрема и модернизација, што е за 6% повеќе во однос на истиот дел од буџетот за 2022 година. Тука спаѓаат набавките на лесни оклопни возила, системот за противвоздушна одбрана, набавка на информатичка опрема, опрема за сајбер одбрана и други средства, а главен фокус е опремувањето и подобрувањето на условите за работа на Лесната пешадиска баталјонска група, односно македонската НАТО единица.
Во буџетот за одбраната се предвидени и 16 милиони евра за реконструкција на објекти и инфраструктура во Министерството за одбрана и Армијата, а тоа е 10 милиони повеќе од лани.
Ако се споредува со останатите членки на Алијансата, Северна Македонија според средствата издвоени за опрема е на петто место на листата, која ја предводи Луксембург со високи 52,4 отсто од буџетот за одбрана. Потоа следуваат Унгарија, Грција и Норвешка, а на дното на листата е Словенија која годинава за купување опрема издвоила 17,9 отсто од буџетот за одбарана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.