Столтенберг и Помпео сметаат дека Русија е виновна за пропаѓањето на договорот за нуклеарното вооружување

142

Генералниот секретар на НАТО , Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Мајк Помпео сметаат дека Русија е вниновна за пропаста на договорот ИНФ.

,,Целта на НАТО во иднина нема да биде нова трка со оружје со Русија”, соопшти генералниот секретар на Алијансата, откако Америка официјално се повлече од нуклеарниот договор.

И Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Мајк Помпео ја обвинија Русија за пропаѓањето на договорот склучен во времето на  Студената војна.

Претходно оваа година, официјални претставници на САД и НАТО ја обвинија Русија дека го крши пактот со употреба на нов вид крстаречка ракета. Во Москва ги негираат овие тврдења.

Со овој договор , државите забранија употреба и производство на ракети со опсег од 500 до 5.500 км.

Договорот за ограничување на нуклеарно оружје  (ИНФ) беше потпишан во 1987 година од страна на американскиот претседател Роналд Реган и лидерот на СССР, Михаил Горбачов.

Минатата година Американците изјавија дека имаат докази дека новата руска крстосувачка ракета има опсег што е забранет со договорот.

Американците објавија  дека имаат докази дека Русија произвела повеќе ракети 9M729. Овие обвинувања потоа им беа пренесени на сојузниците на НАТО во Вашингтон и тие ја поддржаа Америка.

Претседателот Доналд Трамп во февруари објави дека Америка ќе се повлече од договорот ако Русија не се придржува кон пактот. Тој постави рок до 2 август.

Рускиот претседател Владимир Путин наскоро ги прекина обврските на својата земја постигнати со договорот.

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, изјави  дека воената алијанса ќе одговори „на соодветен и одговорен начин на сериозниот безбедносен ризик поставен од руските ракети 9М729“.

Тој додаде дека НАТО „не сака нова трка во вооружување“ и потврди дека Алијансата нема планови за распоредување ракети низ цела Европа.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутиерез, изјави дека договорот е „непроценлива кочница за нуклеарна војна“

„Со ова ќе се зголеми наместо да се намали опасноста што ја предизвикуваат балистичките ракети“, додаде тој.

Аналитичарите стравуваат дека падот на историскиот договор може да доведе до нова трка во вооружување меѓу Америка, Русија и Кина.

„Сега кога договорот е мртов, ќе видиме развој и распоредување на ново оружје“, рече Павел Фелгенауер, руски воен аналитичар, за новинската агенција АФП.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.