Столтенберг: НАТО ќе ѝ помогне на Украина со сеопфатен пакет

Северноатлантската воена алијанса со сеопфатен пакет ќе ѝ помогне на Украина која е соочена со бруталност која Европа ја нема видено од Втората светска војна, изјави во вторникот во шпанската престолнина Мадрид, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ќе договориме сеопфатен пакет помош за Украина за да им помогнеме да го одржат правото на самоодбрана. Исклучително е важно што сме подготвени и натаму да даваме поддршка, бидејќи Украина сега се соочува со бруталност каква што немаме видено во Европа од Втората светска војна“, рече Столтенберг

Неколку часа пред почетокот на самитот на НАТО, генералниот секретар одржа прес-конференција по состанокот со шпанскиот премиер Педро Санчез.

Столтенберг притоа изрази надеж дека на самитот ќе биде постигнат напредок во врска со проширувањето на пактот со Финска и Шведска кои неодамна поднесоа барање за членство, но на тоа се испречи блокадата од Турција.

Шпанскиот премиер рече дека двете земји на крајот, сепак, ќе станат членки „дали сега, дали подоцна“. „Убеден сум дека тие, ако не сега, тогаш подоцна ќе му се придружат на НАТО“, рече Санчез.

Истакна дека самитот ќе претставува можност за испраќање „порака на единство на демократските земји во одбрана на демократијата и нејзините вредности и за одбрана на меѓународниот поредок на основа на правилата“.