Столтенберг: НАТО подготвува посебен пакет мерки за помош на БиХ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека Алијансата подготвува посебен пакет мерки чијашто цел е да се помогне во зачувување на стабилноста и мирот во Босна и Херцеговина, извести во саботата министерката за надворешни работи на земјата Бисера Турковиќ.

Во објавата на Facebook, Турковиќ појаснува дека од Столтенберг добила писмо во коешто генералниот секретар на НАТО ја уверува дека се преземаат сите мерки за претпазливост условени од нестабилната безбедносна ситуација на европскиот континент по руската војна во Украина.

„Руската агресија во Украина од темел ја поткопува европската безбедност. Затоа НАТО е подготвен да продолжи да ги поддржува партнерите кои можат да бидат изложени на малигното влијание и притисок (од Русија) за да ја зајакне нивната отпорност. Како што знаете, НАТО развива сет мерки, особено скроени за Босна и Херцеговина согласно вашите потреби“, се наведува во писмото на Столтенберг како што го цитира Турковиќ.

Станува збор всушност за одговор на писмото коешто Турковиќ уште во април го испратила во седиштата на ОН, на НАТО и на адресите на челниците на ЕУ и коешто содржело предупредување за безбедносни закани за БиХ откако избувна војната во Украина, и особено на „разбудените сепаратистички амбиции на политичкото водство на босанските Срби“.

Столтенберг во својот одговор ја повторил јасната поддршка на евроатлантскиот пат на БиХ, односно нејзиното интегрирање како во ЕУ, така и во НАТО, и најавил продолжување на соработката чијашто цел е спроведување на реформите неопходни за да се остварат тие цели.

Генералот секретар на НАТО навел и дека стабилноста на западен Балкан е долгорочна стратешка цел на Алијансата на што останува до крајот предаден. Изразил загриженост поради сепаратистичките реторики и активности кои се закануваат на одржувањето на Дејтонскиот договор, со кој беше запрена војната во БиХ во 1990-те години.

Навел и дека НАТО силно и јасно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и функционирање на нејзините институции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.