Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кому му беше продолжен мандатот на позицијата поради војната во Украина, во интервјуто за германската новинска агенција DPA во понеделникот вели дека очекува оти Шведска и Финска официјално ќе ѝ се приклучат на Северноатлантската алијанса во 2023 година.
Столтенберг не можел да каже кога тоа точно ќе се случи, меѓутоа, истакнува дека е „апсолутно убеден дека процесот на ратификација ќе биде завршен навреме“, без да појасни што подразбира под изразот за правовременост на полноправното членство на двете скандинавски земји во НАТО.
Но тоа се толкува како јасен став на Столтенберг дека не очекува Турција уште долго да го блокира процесот на прием на Финска и Шведска во Алијансата. Најисточната членка на НАТО, и воедно една од најголемите армии во западниот воен блок, сѐ уште не ги ратификуваше пристапните протоколи со што ќе им го отвори патот на двете нордиски земји во полноправно членство.
Запрашан дали не би била подобра опција да се има можност за суспендирање на правото на глас за земји како Турција, Столтенберг вели дека нема причина за шпекулации за тоа каков би бил пристап денес да се преговара за основачкиот договор на НАТО. Напоменува дека постојат и разлики во мислењата меѓу сојузниците за прашањата како што се демократијата и владеењето на правото, додавајќи дека НАТО е важен форум за сојузниците да ги изразат своите загрижености.
Нивната кандидатура поднесена во мај на вонредниот самите на НАТО во Мадрид, досега ја поддржаа 28 од 30-те членки на Северноатлантскиот сојуз, Унгарија тоа ќе го стори во февруари, а Анкара го условува приемот на Стокхолм и Хелсинки со израчување на припадниците на организациите на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД – FETO и на Работничката партија за Курдистан (PKK) кои се означени како терористички организации и бара од двете земји да им го укине политичкиот азил даден на нивни членови против кои има отворено истраги или судски процеси.
Меѓутоа, значајна улога во блокирањето од страна на Анкара има и одлуките на поедини земји членки на НАТО кои ги запреа продажбите на оружје за Турција. Конкретно Финска и Шведска имаат ембарго врз испораките на оружје за Турција поради нејзината копнена инвазија против курдските милиции во северна Сирија, Единиците за заштита на народот (YPG) кои ги смета за сириско крило на PKK а се вооружувани и обучувани од САД и чија припадничка е обвинета за терористичкиот напад од минатиот месец во Истанбул во кој загинаа шест лица.
Претходно, пак, Турција, по повеќегодишното одбивања на нејзините западни сојузници да ѝ испорачаат системи за заштита на нејзиниот воздушен простор и откако под притисокот од НАТО го раскина договорот со Кина за противракетен систем, во 2017 година склучи договор со Русија за испорака на напредните системи „С-400“.
Одлуката на Анкара предизвика остро спротиставување од САД и НАТО како целина, и постојани притисоци за откажување на договорот со Москва за нејзините системи за противвоздушна одбрана. Откако Турција не попушти под притисоците и веќе ги доби и тестираше првите две батерии на „С-400“, Вашингтон ја исклучи Анкара од американската партнерска програма за развој и производство на ловците-бомбардери од петтата генерација „F-35“.
Шведска и соседната Финска по децениите тесна и континуирана воена соработка со НАТО и покрај декларативната воена неутралност, во мај годинава под изговор за закана од Русија по почетокот на војната во Украина, побараа полноправно членство во Алијансата.
До крајот на јуни се чинеше дека спорот меѓу Анкара, од една страна, и Стокхолм и Хелсинки, од друга страна, поради поддршката на терористичките организации е надминат.
Турција, Шведска и Финска на самитот на НАТО во јуни во Мадрид потпишаа меморандум, но Анкара повторно се закани со блокирање на приемот на двете нордиски земји. Стокхолм и Хелсинки со него се согласија да преземат низа потези со кои ќе ги отстранат забелешките на Турција за нивите политики кои ѝ штетат на нејзината национална безбедност. Но владите на двете земји подоцна изјавија дека не се согласиле на посебни екстрадиции и дека сите барања од Анкара ќе бидат решавани во согласност со домашното и меѓународното право.
Меѓутоа, Турција порачува дека договорите сѐ уште не се исполнети, а особено дека не ги спроведува Шведска. Анкара, меѓу другото, од Стокхолм бара израчување на новинар обвинет дека е припадник на мрежата FETO, обвинета дека стои зад неуспешниот обид за државен удар во јули 2016 година. Највисоките шведски судски инстанци го запреа предавањето на дисидентскиот новинар, што ја разгневи турската страна.
Минатата седмица турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со шведскиот колега Тобијас Билстром дека „не се уште ниту на половина пат“ во спроведувањето на договорот. Меѓу другото, го критикуваше и фактот што шведскиот Врховен суд пред десетина дена го запре израчувањето на новинарот Булент Кенеш по кого трага Турција.