Балкан

Столтенберг: Поддржуваме договор Приштина-Белград, дури и со корекција на границата

Столтенберг: Поддржуваме договор Приштина-Белград, дури и со корекција на границата

“НАТО силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, а кога станува збор за можно усогласување на границата се надеваме дека двете страни ќе изнајдат заемно прифатливо решение”, изјавил во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесуваат српските медиуми/

Тој рекол дека на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, кој во среда ќе се одржи заедно со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ќе се разговара за „односите на НАТО со земјите од Западен Балкан”.

На прашањето дали Алијансата стравува дека безбедноста може да биде нарушена со решение од дијалогот меѓу Белград и Приштина, кое ќе вклучува „корекција на границите”, Столтенберг одговорил дека „НАТО силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, бидејќи тоа е единствениот начин да се најде одговор за нерешените прашања”.

“Кога станува збор за можно корегирање на границата, нагласувам дека НАТО го поддржува дијалогот и се надевам дека двете страни ќе најдат решение што ќе биде прифатливо и за Белград и Приштина”, истакнал Столтенберг.

Според Столтенберг, „важно е сите субјекти да се воздржат од потези со провокативни пораки и да се обидат да ги намалат тензиите.”

Тој истакна дека „НАТО ќе продолжи да биде присутен на Косово и дека КФОР е значаен за стабилноста”.

„КФОР ќе продолжи да биде непристрасен за да се гарантира стабилноста и безбедноста”, заклучил генералниот секретар на НАТО.