Столтенберг тврди нови дронови на НАТО ќе можат да ја надгледуваат Русија

НАТО до 2022 година ќе развива нови стратешки беспилотни летала „глобал хоук“, кои ќе можат да летаат без прекин 30 часа, што ќе овозможи увид во она што се случува во Русија, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

– Да ја имавме оваа технологија во 2014 година, кога Русија употреби воена сила во Украина и изврши анексија на Крим, тогаш ќе добиевме многу поконкретни информации за тоа што се случува. Во период на криза постои голема конфузија и неизвесност и исклучително е важно да се имаат доверливи информации, истакна Столтенберг.

Тој објасни дека дроновите ќе можат да летаат на височина од 18 километри, а радарот и сензорите ќе даваат јасни слики од тоа што се случува на земјата, на растојание од 200 метри.

Според него, новите беспилотни летала на НАТО даваат единствена предност, каква што немаат Русија и Кина, бидејќи не поседуваат дронови кои можат да летаат да толкава височина, а САД се единствената држава која има нешто слично.

Столтенберг нагласи дека две летала моментно се тестираат во база на Сицилија.

НАТО има набавено десет беспилотни летала „глобал хоук“.