Столтенберг за Huawei: Британската анализа на безбедност на 5G е многу важна

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави во средата дека Западот не може да го игнорира подемот на Кина и дека поради тоа е важно Велика Британија да ја разгледа улогата на кинескиот телекомуникациски гигант „Huawei“ во нејзината 5G мрежа.

Столтенберг рече дека Кина му се проближува на Западот на многу начини: на Арктикот, во кибернетичкиот простор и во стратешката инфраструктура, вклучително и телекомуникациите.

„Верувам дека британската влада ќе ги дизајнира своите мрежи, така што ќе ги заштити и ќе се погрижи Британија да има безбедни 5G мрежи. Оттаму сметам дека е важно да се изврши ревизија за да се постигне тоа“, изјави Столтенберг за радиото BBC.

Запрашан за коментар на изјавите на Столтенберг, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи за агенцијата Reuters рекол дека Кина не претставува закана за ниедна земја.

„Се надеваме дека НАТО за нас и натаму ќе има коректно мислење и рационално ќе гледа на нашиот развој“, рекол гласноговорникот на кинеската дипломатија.

Во рамките на пошироката анализа на односите со Кина, британскиот Национален центар за кибернетичка безбедност го разгледува влијанието на американските санкции на британската одлука да му дозволи на „Huawei“ да ја гради мобилната мрежа од петтата генерација во Велика Британија.

Британскиот премиер Борис Џонсон во јануари му даде на „Huawei“ ограничена улога во британската 5G мрежа и со тоа предизвика фрустрираност кај САД, кои сакаат да ги исклучат кинеските телекомуникациски компании од западните комуникации на новата генерација.

Меѓутоа, пандемијата на коронавирусот, несогласувањата околу Хонгконг и односот на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на Кина, го наведоа Лондон да ги преиспитува своите односи со Пекинг.