Столтенберг: Западот одговара на сѐ поагресивната Русија

Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за новото нуклеарно оружје е дел од разбудената агресија на Русија на којашто Западот веќе одговара, изјави во понеделникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изразувајќи надеж дека ќе биде избегната трката во вооружување.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата седмица во редовното годишно обраќање пред пратениците на двата дома на парламентот изјави дека Русија поседува оружје какво што сѐ уште нема ниедна земја во светот, како и дека започнала со развој на нов вид стратешко оружје коешто воопшто не користи балистичка траекторија на летот при движењето на нејзината цел, што е антиракетните системи во борба против ваквиот вид оружје ги прави бескорисни и бесмислени.

„Секако дека сме загрижени, бидејќи НАТО не сака нова Студена војна. Не сакаме нова трка во вооружување“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во текот на неговата посета на Ирак во понеделникот.

Според Столтенберг, говорот на Путин бил во согласност со образецот на однесување во кој Русија ги развива новите оружја и, како што рече, ја користи воената сила против соседната Украина.

„Поради тоа НАТО ја прилагодува и најсеопфатно од времето на Студената војна ја зајакнува нашата колективна одбрана. Тоа не значи дека ја имитираме Русија проектил за проектил, оружје за оружје, туку одговараме бидејќи ја гледаме сѐ поагресивната Русија“, рече Столтенберг.

Челникот на НАТО ја повика Русија на почитување на договорот за нуклеарно оружје со среден дострел, за кој вели дека е прекршен со минатонеделната изјава.

Во услови кога НАТО веќе неколку години константно е присутен не руските граници а односите меѓу Западот и Русија се на најниското ниво по Студената војна поради меѓусебните обвинувања за конфликтите во Украина и Сирија, во прв ред, Путин во својот говор во текот на предизборната кампања ја даде изјавата на којашто бурно реагираа западните челници оценувајќи ја за воинствена.

Путин рече дека во декември 2017 година била пробно лансирана нова крстосувачка ракета со нуклеарна боева глава, Станува збор за проектил за чие развивање во Русија американските специјализирани изданија пишуваа уште пред десет години, а според рускиот челник новата ракета ќе има „неограничен радиус на делување и непредвидлива траекторија на летот“.

„Дострелот е речиси неограничен и тој (проектилот) може да маневрира колку што треба… Како што знаете, сѐ уште никој во светот нема такво нешто. Некогаш веројатно ќе го имаат, но за тоа време нашите момчиња ќе смислат нешто друго“, додаде Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.