Стоп за лажните сертификати: Владата бара строга контрола, а ќе размисли и за стимулации за вакцинирање

97

Владата наложи ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат серификатите за вакцинација при влез во објектите во кои тие се бараат, а побара и предлози за економски стимулации и за рестрикции со цел да се поттикне вакцинацијата против ковид-19 кај вработените во јавната администрација.

Владата соопшти дека на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледала предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на вакцинацијата против ковид-19 и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани.

„Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надокнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест ковид-19“, соопшти Владата.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од ковид-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со ковид-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и во јавната администрација, да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.