Стопанска комора на Македонија: Странските компании се главен двигател на економијата

Стопанската комора на Македонија информира дека претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, одржаа работна средба на која беа утврдени следните насоки на дејствување за наредниот период:

1. Во насока на поефикасна реализација на иницијативите и препораките од „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис, во наредниот период ќе се интензивираат средбите со носителите на државната власт на кои ќе биде презентиран и динамичниот план за нивна постепена реализација. До крајот на месецов, Советот на странски инвеститори ќе ги презентира трите најважни приоритети произлезени од „Белата книга“ за кои ќе побара конкретни резултати од носителите на државната власт во најбрз можен рок.

2. За поефикасно претставување и застапување на странските инвеститори во земјава, организирани во Советот на странски инвеститори, во тек се активности за сериозна правна и фактичка реорганизација на Советот и подигнување на нивото на персоналните и логистичките и капацитети за работа преку промени во правната рамка и начинот на дејствување. Тоаа се прави во интерес на бизнисот и на реалните состојби во економијата кои покажуваат дека странските инвеститори ќе бидат главен двигател на растот во наредниот период.

3. Поттикнати од модерните практики што странските инвеститори ги имплементираат во својот работен процес, менаџерскиот пристап и размислување, етичкото работење, ефективноста, професионалното усовршување, дигитализацијата, принципите на родова еднаквост и социјална инклузија на ранливите категории на населението во работните процеси, како и трансфер на технологија и знаење, Стопанската комора на Македонија во наредниот период ќе даде поддршка на ваквите иницијативи и преку низа самостојни и заеднички активности ќе ги промовира овие принципи.

Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори ќе го потенцираат економскиот императив за создавање родово инклузивен и одржлив развој и ќе дадат силна поддршка на иницијативите и најдобрите практики коишто ја забрзуваат вклученоста на жените во работната сила и економијата како високо потенцијален извор на талент што ќе доведе до економски раст. За таа цел ќе се формира Фонд за поддршка на активностите за родова еднаквост и родово инклузивен и одржлив развој.